Курти истакна елементи на рамковниот договор за полна нормализација на односите со Србија, со меѓусебно признавање во фокусот.          Фото: AA

Премиерот на Косово Албин Курти, кој престојува на Мировниот форум во француската метропола Париз, имаше средби со високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Џозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот на Косово и Србија Мирослав Лајчак.

Како што е соопштено од Владата на Косово, главни теми на разговорите беа динамиката на дијалогот Косово-Србија, примена на одлуката за нелегални регистарски таблици, најновите случувања во Косово и други актуелни прашања.

Курти истакна елементи на рамковниот договор за полна нормализација на односите со Србија, со меѓусебно признавање во фокусот.

Тој рече дека француско-германскиот предлог, кој има поддршка од САД и ЕУ, претставен е од страна на емисарите Јенс Плотнер и Емануел Бон, а служи како добра основа за понатамошна дискусија.

Говорејќи за неодамнешните случувања на северот на земјата, Курти повтори дека Владата на Косово покажа решителност за владеењето на правото и посветеноста на одржувањето на мирот и безбедноста во земјата. Тој пред заминувањето во Париз најави и можност на одржување на трилатералниот состанок со претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Курти и претседателката на Косово Вјоса Османи, која исто така учествува на Мировниот форум во Париз, во текот на вчерашниот ден во Елисејската палата се состанаа со претседателот на Франција Емануел Макрон.

Османи и Курти со францускиот претседател разговараа за продлабочување на билатералните односи на двете земји, динамиката на косовско-српскиот дијалог, како и најновите случувања во Косово, регионот и Европа.

Османи и Курти рекоа дека Косово ќе продолжи да биде координирано со меѓународните партнери за решавање на безбедносните предизвици.

TRT Balkan / агенции
Популарни