Курти за предлогот за нормализација: Потребен е притисок врз Белград / Photo: AA

Премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека Србија е таа која го одбила француско-германскиот предлог за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград и дека сега со тоа мора да се занимава меѓународната заедница, и дека Косово го смета планот за добра основа за понатамошни разговори.

Курти, по состанокот со претседателите на косовските општини, рече дека целта на Косово е да ги нормализира односите со Србија, фокусирајќи се на конечен, правно-обврзувачки договор заснован на меѓусебно признавање.

„Планот на Европската Унија, што го поддржуваат Франција, Германија и Соединетите Американски Држави, го сметавме за добра основа за понатамошни разговори, а Србија го одби на состанокот на Советот за национална безбедност што се одржа во Белград на 27 октомври 2022 година, со едногласен заклучок за одбивање на овој предлог, што јавно го објави министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ“, нагласи Курти.

Косовскиот премиер рече дека треба да се изврши меѓународен притисок врз српската страна која го отфрли француско-германскиот план. Потсети дека и германскиот канцелар Олаф Шолц го споменал меѓусебното признавање, прво во Белград, а потоа и во Приштина.

„Она што треба да се случи во врска со овој договор е додатен притисок врз Белград, кој со склучување договор со Руската Федерација за надворешнополитичка координација бескрупулозно ја нападна надворешната и безбедносната политика на Европската Унија, која бара синхронизација, усогласување на сите земји членки и на оние кои тежнеат да станат членки на Европската Унија“, истакна Курти.

За денес е најавена посета на советникот на американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле, на Косово, кој со челниците на косовските институции и со опозицијата ќе разговара за неодамнешните тензии меѓу Приштина и Белград.

Курти оцени дека посетата на Шоле ќе се случи во важен момент кога се наближува годишнината од војната во Украина, и како што рече: „Србија не само што не воведе санкции и не ја осуди руската агресија, туку склучи и три многу штетни договори со Русија во 2022 година“.

TRT Balkan / агенции
Популарни