Претседателот на Големото национално собрание на Република Туркије (ТБММ) Нуман Куртулмуш денеска во Сараево изјави дека одговорните за масакрите во Газа сигурно ќе одговараат пред меѓународните судови на правдата, исто како што беа кривично гонети криминалците од Сребреница и Аушвиц.
Лидерот на турскиот парламент пристигна во официјална посета на Босна и Херцеговина, при што присуствуваше на свеченоста што се одржа на Меѓународниот универзитет во Сараево (МУС) по повод почетокот на новата академска година.
Куртулмуш пред присутните гости и студенти одржа предавање под наслов „Дали е можен подобар свет?“ и по тој повод укажа на актуелните предизвици и кризи во светот и потребните промени кои можат да се искористат за надминување на овие кризи.
Тој посочи дека е познато историското пријателство меѓу Туркије и Босна и Херцеговина.
„Туркије е земја која секогаш ја поддржувала БиХ. Таа, исто така, ја обезбедува таа помош на нејзиниот пат кон иднината. Продолжувањето на статусот на БиХ на меѓународно ниво, зачувувањето на нејзиниот територијален интегритет и опстанокот на цела Босна и Херцеговина во согласност со Дејтонскиот мировен договор е наш приоритет исто колку што е приоритет на БиХ“, рече Куртулмуш.
Тој нагласи дека актуелните предизвици и проблеми во светот бараат тешки решенија, но дека светот во моментов се справува само со последиците од овие кризи, вклучувајќи климатски кризи, конфликти и слично.
„Меѓутоа, никој не прашува како е можно во свет со ваков развој на науката и технологијата да се појават проблеми како топење на глечерите, како сите реки во Европа станаа затруени, како се уништени шумите во Бразил?. Зад сите овие проблеми стои неограничениот апетит на човекот за управување и сопственост во дивиот капитализам. Оние кои го гледаат светот како наследтсво од татковците го доведоа светот таму каде што е сега. Затоа е невозможно да се постигнат подобрувања и промени без да се отстрани менталитетот на дивиот капитализам“, рече Куртулмуш.
Посочувајќи ја миграцијата како еден од најголемите проблеми и предизвици во светот и во Европа, Куртулмуш рече дека не седиме и зборуваме за клучните причини, туку светот се справува само со последиците.
Исламофобијата е опасна современа болест на западното општество
Куртулмуш понатаму посочи дека сме сведоци на бројни тензии и конфликти во светот, пред се на Блискиот Исток, како и прокси војни и терористички закани, а дека големите сили го користат тоа за да ја тестираат својата моќ.
„Сите зборуваат за тероризам во светот, но никој не прашува како луѓето во Африка кои немаат ни капка вода за пиење, во рацете имаат машини за смрт вредни милиони долари. Кој им го дава? Од каде терористите на ИСИС, ПКК, ПЈД или ЈПГ на Блискиот Исток добија таква логистика и поддршка“, праша Куртулмуш.
Тој рече дека исламофобијата и омразата кон исламот и муслиманите претставуваат уште една голема закана за светот, што е резултат на западниот менталитет и нетрпеливост кон странците.
„Овие појави не се случајни. Тие се резултат на менталитетот на оние кои не прифаќаат поинаку. Омразата кон исламот не е само политика развиена против муслиманите, туку во исто време претставува и многу опасна модерна болест која ги труе, уништува крвните садови и ја уништува внатрешноста на западното општество. Светот мора да се излечи од оваа болест. Овде гледаме дека тоа е плод на менталитетот на оние кои се сметаат себеси за поважни и подобри од другите. Верувам дека ниту еден проблем во светот не може да се реши додека тој менталитет не исчезне“, изјави Куртулмуш.
Тој ги посочи конфликтите на Блискиот исток и израелските напади врз блокираниот Појас Газа и истакна дека светот повторно падна на тестот на човечноста.
Куртулмуш во оваа прилика ги спореди Сребреница, Аушвиц и Газа како места на најголемите и најсрамните злосторства и додаде дека меѓународната заедница паднала на испитите во тие три града.
„Луѓето беа масакрирани пред очите на западниот свет, во Газа бројот на убиени надминува 10.000, што е едно од најголемите варварства“, рече Куртулмуш.
Потсетувајќи се на Аушвиц и Сребреница, како симболи на геноцидот што се случи пред очите на Западот и Европа, Куртулмуш рече дека времето минува, но дека крвопролевањето продолжува пред светот кој немо го гледа.
„И во Аушвиц и во Сребреница меѓународната заедница падна на тестот. „Оние кои немо го гледаа геноцидот во Сребреница и им ги предадоа бошњачките жртви на крвожедните не се ни срамат да дојдат и да пролеваат крокодилски солзи“, посочи Куртулмуш.
Шефот на турскиот парламент изјави дека пред очите на светот денеска се случува крвопролевање во Газа, која е блокирана од израелската армија од сите страни.
„Светот никогаш не видел таква употреба на асиметрична сила како во Газа. Бројот на загинати надминува 10.000, болниците се бомбардирани, нема струја, нема вода, нема храна... Луѓето веќе не можат ниту да се грижат за своите ранети, ги оставаат зад себе. Светот повторно го покажува истиот став, некои застанаа на страната на злобниците, некои од нив ништо не гледаат, а за жал некои од нив се соучесници во овој срам. Сепак, ширум светот има совесни луѓе кои го креваат својот глас и велат доста е“, рече Куртулмуш.
Тој повтори дека Аушвиц, Сребреница и Газа се местата на најголемите варварства извршени во модерната ера.
„Отворено велам, како криминалците од Аушвиц и Сребреница беа изведени и казнети пред Меѓународниот кривичен суд, ќе одговараат и оние кои денеска вршат злосторства во Газа“, рече Куртулмуш.
Куртулмуш рече дека светот повеќе не може да оди на овој начин бидејќи Обединетите нации веќе немаат капацитет да решаваат проблеми и да запираат војни.
„ОН веќе не се во состојба да решаваат ниту едно глобално прашање, затоа младите ќе бидат сведоци на новиот систем, бидејќи светот не му припаѓа на ниту еден поединец, туку на секого“, смета Куртулмуш.
Тој рече и дека главниот проблем со нефункционалноста на ОН е што петте привилегирани членки на Советот за безбедност можат да блокираат какво било решение.