Европската иднина на Србија и Косово е невозможна без добри односи меѓу Белград и Приштина и нема нормализација на односите без дијалог. Тоа е важно за целиот регион, бидејќи нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија е најстратешкиот предизвик за целиот Западен Балкан, изјави Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на Европската Унија за Западен Балкан.
Тој денес во Будва учествуваше на безбедносната конференција 2БС Форум, на која се разговараше за последните случувања на северот на Косово.
Лајчак истакна дека за случувањата на северот на Косово разговарал со претседателите на шест земји од регионот во текот на престојот во Њујорк.
„Сите беа загрижени поради ситуацијата на северот на Косово. Тоа прави регионот да не изгледа добро и тоа не е добро за проширувањето на ЕУ. Ми рекоа дека тоа ги буди духовите од минатото. Регионот ќе мора да почне да зборува за иднината“, рече Лајчак.