Европскиот претставник Мирослав Лајчак изјави дека состанокот со претставниците на Србите беше многу важен, бидејќи Србите од северот на Косово се во центарот на одлуките кои се донесуваат.
Специјалниот претставник на Соединетите Американски Држави (САД) за Западен Балкан, Габриел Ескобар и специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот на Косово и Србија, Мирослав Лајчак се состанаа во Северна Митровица со претставниците на Српска листа.
На состанокот со претставниците присуствуваа претседателот на Српска листа Горан Ракиќ и градоначалниците на четири општини на северот на Косово со мнозинско српско население.
Лајчак по состанокот кој траеше два часа изјави дека состанокот со претставиците на Србите беше многу важен, бидејќи Србите од северот на Косово се во центарот на одлуките кои се донесуваат. Тој наведе дека секоја лоша одлука го влошува нивниот живот, а добрата одлука, го подобрува.
„Многу силна порака на меѓународната заедница е дека не можеме на 31 август да бидеме во иста ситуација како што бевме на 31 јули. Затоа баравме да го добиеме тоа одложување, затоа организиравме состанок во Брисел минатата недела, затоа сме тука денес за луѓето да не се плашат за својот живот и правиме се да не дојде до барикади“, рече Лајчак.
Тој изрази надеж дека премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ во скоро време ќе се состанат во Брисел.
Лајчак истакна дека има многу шпекулации околу овој процес и дека затоа не сака да ги коментира наводите на некои косовски медиуми дека тој и Ескобар барале од Курти да ја одложи примената на мерките за три месеци. Лајчак рече дена нивната мисија продолжува, заминуваат за Белград каде ќе се состанат со Вучиќ „за да видат дали успеале“.
Ескобар и Лајчак во средата во Приштина одделно се состанаа со Курти, косовската претседателка Вјоса Османи и со лидерите на опозициските партии во обидот да се пронајде решение за да не дојде до повторно подигнување тензии.
Ескобар во кратка изјава за медиумите по состанокот со Курти рече дека очекува Косово и Србија да имаат конкретен предлог за решавање на прашањето на српските регистарски таблички и документи, додека Лајчак рече дека целта на ЕУ и САД е да спречат нови тензии.
Меѓународната заедница посредува за да не се случат тензии како на 31 јули, кога локалните Срби ги блокираа патиштата на северот на Косово поради мерките на Владата на Косово да се воведе реципроцитет на документите од Србија и пререгистрација на српските таблички со ознаките на градовите на Косово кои ги издава Србија на РКС таблиците.
Патиштата се одблокирани кога Владата на Косово, во консултации со меѓународните партнери, примената на одлуката ја одложи за 1 септември.