Треба уште повеќе да ги приближиме нашите економии и да ги забрзаме реформите за членство, рече дер Лајен / Photo: AA

Заврши Самитот на лидерите на Берлинскиот процес во Тирана, на кој присуствуваа лидерите на земјите учеснички во овој процес, а фокусот на работата беше ставен на прашањата поврзани со интеграцијата на регионот во единствениот пазар, процесот на европска интеграција, регионална соработка, поддршка за зелената и дигиталната транзиција во Западен Балкан.

На крајот од самитот, албанскиот премиер Еди Рама одржа прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Премиерот Рама истакна дека самитот помина во многу плодни дискусии, со навистина отворена размена на мислења и вистинско чувство на пријателство.

„Ова е тежок момент за секоја земја и предизвиците со кои се соочуваме сите заедно се извонредни поради последователните кризи што не погодија, без разлика дали е Европа со Б или Европа без Б заедно. Се чини дека работите не се подобруваат пред да се влошат на многу фронтови, вклучувајќи го и страшниот нов фронт во конфликтот меѓу Израел и Хамас“, рече Рама.

Рама истакна дека никогаш нема да може да ги најде вистинските зборови за да му се заблагодари на канцеларот кој на таков љубезен начин беше отворен за идејата Берлинскиот процес да се изведе надвор од ЕУ, во Тирана.

„И никогаш не би можел да ги најдам потребните зборови за да ѝ се заблагодарам на претседателката на Комисијата, кој на овој самит му даде нешто навистина суштинско преку новиот план за раст на Европската унија за Западен Балкан“, рече Рама.

Канцеларот Шолц рече дека покрај актуелната глобална политичка криза, постојат и пречки во регионот.

„Пред само неколку недели, полицијата беше брутално нападната на Косово. Убиен е функционер, ние остро го осудуваме тоа“, рече тој.

„Тоа е добар знак дека Берлинскиот процес сега за прв пат се одржува во земја од Западен Балкан. Уште подобро е што сите премиери од регионот дојдоа овде и сите можевме да разговараме меѓу себе. Ова покажува колку земјите се посветени на овој процес и колку е важен за приближување на Западен Балкан до Европската Унија, бидејќи навистина е време за тоа“, рече Шолц.

Шолц посочи дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија и додаде дека ова ветување стои и е точно денес повеќе од кога било.

Претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен рече дека сега сите погледи на светот се насочени кон Израел и Палестина, но и дека сите работат на приближување на Западен Балкан и Европската унија.

„Треба уште повеќе да ги приближиме нашите економии и да ги забрзаме реформите за членство. Затоа на лидерите им го претставив нашиот план за раст. Доколку се спроведе, новиот план за раст има потенцијал да ги удвои економиите на Западен Балкан и во оваа деценија", рече таа.

Во рамките на Самитот беше потпишан и регионален договор за меѓусебно признавање на професионалните квалификации.

Отворено е и новото претставништво на Европскиот колеџ во Тирана и новореконструираните простории на Тиранската пирамида.

Берлинскиот процес е иницијатива насочена кон зголемување на регионалната соработка во Западен Балкан и обезбедување помош за интеграција на земјите од регионот во Европската унија (ЕУ).

AA
Популарни