Липавски, чија земја претседава со Европската унија, на заедничката прес-конференција со Бислими, рече дека Косово може да смета на поддршката на Чешка во владеењето на правото, зачленувањето во меѓународните организации и институции, вклучувајќи ги ЕУ и НАТО.     Фото: АА

Министерот за надворешни работи на Чешката Република Јан Липавски по состанокот со заменик премиерот на Косово Бесник Бислими изјави дека големи се очекувањата земјите на ЕУ да донесат позитивна одлука за либерализација на визниот режим за Косово.

Липавски, чија земја претседава со Европската унија, на заедничката прес-конференција со Бислими, рече дека Косово може да смета на поддршката на Чешка во владеењето на правото, зачленувањето во меѓународните организации и институции, вклучувајќи ги ЕУ и НАТО.

Чешкиот шеф на дипломатијата во текот на својата прва посета на Косово порача дека процесот на либерализација на визниот режим е на добар пат и оти се надева дека ќе најде вистинска политичка поддршка тој процес да се заврши.

„За да правилно разберете, тоа е процес кој се состои од техничките аспекти и политичките одлуки. Наскоро ЕУ ќе го ревидира техничкиот дел и верувам дека под чешкото претседавање ќе дојде до политички договор за да може да дојде до визната либерализација. Затоа ќе се вратиме на техничкиот процес за да конкретизираме такво нешто, а тешко е да се каже кога може да се заврши“, нагласи Липавски.

Додаде дека неговите очекувања од политичките одлуки се големи.

Липавски, исто така, изрази поддршка на дијалогот за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија, кој го води ЕУ, нагласувајќи дека нормализацијата на односите е клучен аспект за европските интеграции.

Тој рече дека без успех на тоа поле е невозможно да се има успех во приближувањето на ЕУ и дека двете страни треба да ги почитуваат и имплементираат договорите постигнати во дијалогот.

Првиот потпретседател на Владата за европски интеграции, развој и дијалогот на Косово, Бесник Бислими, рече дека Чешка го покренала прашањето на либерализација на визниот режим за Косоварите, правејќи го тоа приоритет за кој ќе се расправа на 13 октомври.

„Ова е важен чекор, но не и конечен чекор за либерализација на визниот режим. Постојат пет процедури, но потполно сме уверени дека чешкото претседавање ќе се обиде да го спроведе целиот овој процес напред, за да што поскоро имаме позитивна порака за сите граѓани за да можат да патуваат без визен режим“, рече Бислими.

Тој рече и дека Косово е посветено на процесот на дијалогот со Србија. Министерот Липавски се состана и со претседателката на Косово Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти.

Чешка од 1 јули 2022 година го презеде шестмесечното претседавање со ЕУ. Прашањето на визната либерализација за Косово ќе биде на дневен ред на состанокот на работната група на Еворпскиот совет на 13 октомри. Чешкото претседавање со ЕУ веќе испрати писмо до државите членки како најава за разговорите на оваа тема.

Косово сите барани критериуми за визна либерализација ги исполни пред повеќе од четири години, но и понатаму е единствената земја во регионот чии граѓани не можат да патуваат без виза во европските земји од шенгенската зона.

TRT Balkan / агенции
Популарни