Во постојана координација сме со КФОР, НАТО и партнерите, со цел да се намали опасноста од заканите кои доаѓаат од Србија, вели министерот за одбрана

Министерството за одбрана на Косово во текот на 2023 година забележа напредок во сите области, од буџетот, преку набавка на оружје, зголемување на бројот на војници и зголемување на платите, изјави министерот за одбрана Ејуп Маќедончи на завршната годишна прес-конференција.

Маќедончи рече дека стратешките цели на Република Косово се интеграција во евроатлантските структури, пред се во НАТО- Партнерството за мир.

Тој посочи дека Косовските безбедносни сили (КБС) постојано ги градат своите одбранбени капацитети според стандардите на НАТО.

Според него, косовските безбедносни институции се во постојана координација со КФОР, НАТО и партнерите, со цел да се намали опасноста од заканите кои доаѓаат од Србија.

„Самото присуство на три бригади на српската армија распоредени на југот на Србија претставува закана и милитаризација на јужната зона на Србија, односно граничната зона меѓу Србија и Република Косово. Военото присуство, нормално, претставува закана за нашата земја и тоа е последица на хегемонистичкиот и агресивен пристап на Република Србија во однос на нашата земја“, потенцира Маќедончи.

Зборувајќи за постигнувањата на Министерството за одбрана во текот на 2023 година, министерот рече дека се регрутирани 627 нови војници, додека за речиси три години од мандатот на актуелната Влада на Косово се регрутирани 1.836 нови војници, со што вкупниот број војници е двојно зголемен.

Тој посочи и дека се зголемени платите, особено на офицерите со пониски чинови, за 39 отсто. Тој рече дека во текот на оваа година 580 офицери биле обучени надвор од државата, додека 62 кандидати на КБС се обучуваат на престижни воени академии во партнерските земји.

„Посебно достигнување е инвестицијата во системот за оружје, при што буџетот е зголемен за 100 отсто во однос на 2022 година. За набавка на оружје во текот на оваа година се инвестирани 28 отсто повеќе, или од околу 4 милиони колку што беа инвестирани за време на претходните влади, сумата достигна 239 милиони евра инвестиции во системот за вооружување. Беспилотните летала „Бајрактар“ се само дел од модерниот вооружен систем со кои се опремени КБС“, рече Маќедончи.

Тој додаде дека набавката на оружје го поддржува развојот во согласност со сеопфатниот транзициски план на Косовските безбедносни сили.

Одговарајќи на новинарски прашања, тој посочи дека мерките што ги воведе Европската унија на Косово поради ситуацијата на северот на Косово не влијаеле на косовските безбедносни сили и нивното учество на меѓународни воени вежби со земјите партнери.


AA
Популарни