Макрон: Србија мора да продолжи конкретно да го демонстрира својот избор, со поблиску усогласување на својата надворешна политика со онаа на Европската унија / Photo: Reuters

Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва во Париз за време на заедничкото обраќање со српскипот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија не смее да се сомнева дека нејзината иднина е во Европската унија.

„Интеграцијата во ЕУ доаѓа од заедничкото минато и заедничките вредности. Мораме да одиме напред заедно, да ги исполниме нашите ветувања и да не го пропуштиме овој важен момент“, рече Макрон.

Тој изјави дека Србија мора да продолжи конкретно да го демонстрира својот избор, со поблиску усогласување на својата надворешна политика со онаа на Европската унија.

„Во оваа смисла, би сакал да го поздравам вашето неодамнешно учество на состанокот во Тирана организиран од албанскиот премиер Еди Рама за претседателот на Украина Влодимир Зеленски. Тој избор треба да биде потврден, продолжувајќи и забрзувајќи ги реформите за зајакнување на владеењето на правото, независноста на судството, медиумскиот плурализам и интегритетот на изборниот процес, како и на други области“, му порача Макрон на Вучиќ.

Тој, исто така, посочи дека за ЕУ ​​е важно БиХ да остане единствена земја.

Тој наведе и дека неодамна усвоениот европски план за раст на Западен Балкан им служи на земјите од регионот да ги надминат конфликтите од минатото, да продолжат со внатрешните реформи и да ја зголемат конкурентноста на нивните економии.

„Србија може да смета и на поддршката на Француската агенција за развој, која минатата година инвестираше 570 милиони евра во Србија и која ќе продолжи да биде партнер на вашата земја во согласност со европските стандарди“, рече Макрон.

Тој посочи дека од неговата прва посета на Белград во 2019 година, соработката меѓу двете земји е интензивирана и оцени дека економските односи меѓу Франција и Србија се со реален раст.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија секогаш најмногу сметала на Франција за време на Првата и Втората светска војна, па и денес кога има проблем.

„Јас лично секогаш сум можел да се потпрам на вас, да ви се јавам. Сакам да му кажам на францускиот народ дека има малку лидери во Европа и светот кои сакаат да слушаат некого, особено оние што се помали од нив“, рече Вучиќ.

И според Вучиќ економските односи меѓу Франција и Србија се подобрени

Тој посочи дека во исто време очекува француска поддршка во сите други сфери на општественото живеење.

TRT Balkan / агенции
Популарни