Францускиот претседател Емануел Макрон утре доаѓа во дводневна посета на Србија, во време на големи предизвици со кои се соочува неговиот домаќин Александар Вучиќ, пред се поради се помасовните и пожестоки протести против ископувањето на литиум. Шефот на француската држава во Белград се дочекува како „традиционален пријател на Србија“, а од кабинетот на Вучиќ најавија богат протокол и потпишување на бројни билатерални договори.
Целта на посетата, според официјалните најави е „натамошно продлабочување на билатералните односи и соработка на полето на економијата, здравството, енергетиката и културата“, а се очекува Макрон да го разбере проблемот со Косово и да даде поддршка во процесот на европските интеграции на Србија, која пристапните преговори со ЕУ ги започна во јануари 2014 година.
Ниту Белград, ниту Брисел не се задоволни од актуелниот процес на евроинтеграции, вели Хина. Вучиќ најави дека со Макрон ќе разговара за низа договори, меѓу кои и за договорот за електрична енергија.
Во април оваа година, Србија и француската компанија за електрична енергија (ЕДФ) потпишаа Меморандум за разбирање и воспоставување рамка за долгорочен дијалог во областа на енергетската транзиција и технологијата со ниска потрошувачка на јаглерод во Париз.
Вучиќ, кој присуствуваше на потпишувањето, тогаш рече дека Србија мора да работи на „користење на нуклеарната енергија“. Тој ја истакна подготвеноста на српските научници „да го искористат своето знаење за да и помогнат на државната иницијатива да се потпира на нуклеарната енергија во иднина“.
Друга важна тема најавена е „зајакнувањето на армијата“, што се толкува како продолжување на преговорите за набавка на борбени авиони „Рафал“.
Во февруари 2023 година, Вучиќ изјави дека купувањето на француски воени авиони ќе биде најголемото издвојување од српскиот воен буџет, проценувајќи дека тоа ќе биде „до три милијарди евра“.
Макрон доаѓа во Србија во време на големи предизвици со кои се соочува Вучиќ, пред се во време на се помасовни и жестоки протести против ископувањето на литиум, што српскиот државен врв го гледа како голема економска можност и економско позиционирање во регионот и Европа. а еколошките активисти, граѓанското општество и опозицијата како корумпиран бизнис и долгорочно загрозување на животната средина со несогледливи последици.
Макрон и Вучиќ се сретнаа неколку пати во последните месеци на различни европски и светски форуми, последен пат за време на свеченото отворање на Олимписките игри во Париз, кога Вучиќ ја најави посетата на Макрон на Србија.