Вицепремиерот за европски прашања на Северна Македонија, Бојан Маричиќ, истакна дека до ноември 2023 година треба да заврши процесот на скрининг со Европската Унија.
Маричиќ, на прес-конференција ја презентираше временската рамка за стартот и завршувањето на процесот на скрининг со ЕУ.
Маричиќ, изјави дека де јуре и де факто скрининг процесот е започнат пред два дена, на 19 јули 2022 година кога се одржа првата меѓувладина конференција. Тој рече дека тоа ја означува последната етапа од патот кон полноправно членство во Европската Унија.
„Скринингот е аналитичка презентација на состојбата во земјата кандидат за членство во Унијата во однос на нејзиниот степен на усогласеност со правото на Европската Унија“, нагласи Маричиќ.
Објаснувачки и билатерален скрининг
Тој истакна дека скринингот е формална и техничка операција што ја врши Европската комисија, неопходна и многу важна за да се добие јасен преглед каде стои државата и што треба да се направи во годините што следуваат.
„Овој процес, скринингот, се состои од две фази. И тоа објаснувачки скрининг, со кој Европската комисија на државата кандидат ѝ ги презентира клучните правни акти за секое поглавје, и билатерален скрининг со кој земјата кандидат, односно ние, го презентираме степенот на усогласеност на националното законодавство, согласно со презентираните акти на ЕУ“, посочи Маричиќ.
Истакнувајќи дека скринингот се одвива на ниво на кластери, Маричиќ рече дека во моментот има шест кластери и дека Европската комисија планира овој процес да го заврши во ноември 2023 година.
Според него, 45 отсто од законодавството на Северна Македонија веќе е усогласено со законодавството со ЕУ.
Согласно со најавата, како што истакна вицепремиерот, првиот скрининг извештај за кластерот „Фундаментални вредности“ се очекува во првиот квартал од 2023 година, поточно до крајот на март 2023 година.
На прес-конференцијата, Маричиќ, исто така информира дека само минатата година преведени се над 17.000 страници од законодавството на Европската Унија (ЕУ).
На новинарско прашање, кога ќе започне процедурата за уставните измени со кои Бугарите треба да бидат ставени во Уставот на Северна Македонија, со оглед на тоа дека тоа е обврска која земјата треба да ја заврши најдоцна до крајот на скринингот, вицепремиерот Маричиќ рече дека сѐ уште нема утврдено календар или динамика за започнување на уставните измени, но дека тоа е обврска на државата која треба да се заврши до крајот на скринингот.