Матарела: Го цениме напорот на Северна Македонија за евроинтеграциите     Фото: АА

Италијанскиот претседател Серџо Матарела истакна дека Италија ги цени трпението и напорот што Северна Македонија ги направи за да ги надмине сите потешкотии и да започне преговори за членство во Европската Унија (ЕУ).

Матарела, кој престојува во официјална посета на Северна Македонија, беше пречекан со свечена церемонија од претседателот Стево Пендаровски.

По тет-а-тет средбата и пленарниот состанок на делегациите, Пендаровски и Матарела одржаа заедничка прес-конференција.

Италијанскиот претседател истакнувајќи дека Северна Македонија и Италија се поврзани со силна врска која се базира на доверба, рече дека последните години тие односи се потврдени со интензивноста на разговорите кои се одвиваат на повисоко ниво.

Наведувајќи дека со големо задоволство ја следеле информацијата дека на 29 јули конечно се започнати преговорите за влез на Северна Македонија во Европската Унија, претседателот Матарела подвлече дека тоа е потврда на заложбите што досега Северна Македонија ги направи.

„Сите земји со одлучност ја подржуваа [Северна] Македонија, како што тоа го направи и Италија. Сакам јавно да подвлечам и да му кажам на претседателот Пендаровски дека ги цениме трпението и напорот што Северна Македонија ги направи за да ги надмине сите потешкотии и напорите на планот за подобри и попозитивни односи со соседите. Станува збор за чекори нанапред“, рече Матарела.

Наведувајќи дека Унијата е заедничката иднина, Матарела нагласи дека без влезот на земјите од Западен Балкан во ЕУ, Унијата нема да биде целосна и таа има потреба од тоа.

Италијанскиот претседател, исто така, нагласи дека Италија постојано ќе биде на страната на Северна Македонија на патот што треба да го изоди за да се стигне до членство во ЕУ.

Претседателот Стево Пендаровски, на прес-конференцијата потсети дека посетата на италијанскиот претседател Матарела се случува речиси 23 години од последната посета на еден италијански претседател на Северна Македонија.

Истакнувајќи дека со вакви конструктивни средби се создава нов амбиент за развој на македонско-италијанските релации, рече дека на денешната средба е разговарано за актуелни теми од билатералните односи, состојбите во регионот на Западен Балкан, европските интеграции, безбедносните прашања и модалитетите за справување со последните економски-енергетски кризи со кои се соочува светот.

„Една од клучните теми кои ги дискутиравме беше нашиот евроинтегративен процес. Сакам јавно да ѝ се заблагодарам на Италија за поддршката на политиката на проширување на Европската Унија и неспорната поддршка за нас во тој контекст“, нагласи претседателот Пендаровски.

Во контекст на билатералните односи, како што рече Пендаровски, констатирале дека економската, парламентарната и секторската соработка се развиваат по нагорна линија, за што е искажана подготвеност за нивно понатамошно продлабочување.

TRT Balkan / агенции
Популарни