Членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети признал вина и се спогодил со обвинителството за условна осуда за примање награда за против законито влијание, во случајот каде е осомничен и врховниот судија, Наке Георгиев.
Двајцата беа осомничени дека лажно ветувале дека ќе влијаат и ќе му овозможат олеснување на екс градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев во предметот за шверц со марихуана.
Мемети се спогодил со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со предлог до Кривичен суд да му се одреди условна осуда со утврдена казна затвор во траење од една година, која нема да се изврши доколку осомничениот во рок од три години не стори ново кривично дело, како и забрана за вршење на дејност во наредните три години.
Наке Георгиев беше приведен со 10.000 евра на паркинг во Скопје кои му ги предал синот на Стојчев, кој го пријавил судијата во полиција.
Мемети се бранеше од слобода додека Георгиев е во Шутка речиси три месеци а деновиве скопска Апелација ја одбила неговата жалба за притворот.
Според Обвинителството, Мемети по претходен договор со Георгиев го искористил своето влијание, службена положба и во текот на април и мај 2024 година, преку првосомничениот му пренел на сведокот дека наводно интервенирал да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши – поднесување на обвинителен акт во врска кривична постапка против таткото на сведокот осомничен за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции.
„При неколкукратна меѓусебна комуникација преку Ватсап Н.Г. во присуство на сведокот разговарал со И.М кој не знаел дека разговорите ги слушал и сведокот. Во еден од тие разговори, сведокот дознал дека наводно од страна на И.М. бил даден налог за спогодување со таткото на сведокот и дека ќе биде одобрено барањето за склучување на предлог спогодба со осомничениот. Притоа на сведокот од страна на осомничениот Н.Г. му било предочено дека при утврдување на видот и висината на казната ќе биде предложена и утврдена казна затвор од 5 години, како минимална казна за предметното кривично дело, која како таква подоцна ќе биде и одобрена и дека истата е резултат на нивната интервенција“, велат од ОЈО.
Неофицијално, Мемети поднесол оставка и на функцијата член на Советот.
Мемети во изминатове две децении извршуваше повеќе функции. Бил државен советник во Влада, член на Комисија за избирачки списоци, 2001 година е избран за министер за правда како експерт, а потоа кратко и уставен судија. Оваа престижна функција ја напушта за да се врати повторно како министер за правда.
По една година ја одбра функцијата Народен правобранител каде беше два мандати или цели 16 години.