Притворот е определен откако Судскиот совет му го одзеде имунитетот на судијата Георгиев / Photo: Врховен суд на РСМ

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, му определи мерка притвор во траење од 30 дена на врховниот судија Наке Георгиев, за кој постои основано сомнение за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“.

Од обвинителството информираа и дека од Судот побарале мерки за претпазливост за заменик-претседателот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети. Тој е второосомничен во случајот за кој вчера беша уапсен Георгиев, по кој ОЈО ГОКК отвори истрага.

Двајцата се сомничат за кривичното дело примање награда за противзакониото влијание, според член 359 од Кривичниот законик.

Од Основниот кривичен суд Скопје, информираат дека против Н.Г. постои основано сомнение за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание од чл. 359 од Кривичниот законик.

„По произнесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и ценење на фактите и доказите приложени од страна на Јавниот обвинител донесе решение со кое предлогот се уважува, а на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165 ст. 1 точка 2 и 3 односно, може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело“, се вели во соопштението од Кривичен.

Против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

Воедно, од Кривичен информираат дека, по добивање на предлогот за определување мерка притвор против осомниченот, кој е актуелен Врховен судија, Кривичниот суд се обрати до Судскиот совет на РСМ како надлежен за одлучување во однос на имунитетот на судијата за што Советот донесе одлука која е јавно објавена, и со која се одзема неговиот имунитет како судија.

По добивање на одлуката на Судскиот совет, судијата на претходна постапка, се обрати и до надлежниот Апелационен суд Скопје, со оглед да член на потесното семејство на осомничениот е избран судија во Основниот кривичен суд Скопје кој веднаш по изборот е времено делегиран да постапува во друг суд, а со цел доследно почитување на Законските одредби и надлежноста во постапувањето.

„Од второстепениот суд е добиено решение според кое не постојат законски пречки судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје да постапува по предлогот на ОЈО ГОК, по што е донесено горенаведеното решение“, се вели во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.

Во однос на Мемети, обвинителството бара судот да му определи обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, како и да му биде одземена патната исправа и да му се забрани употреба на лична карта за преминување на државната граница.

Истрагата е отворена по акцијата на МВР која следува по претходна пријава од син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Неофицијално, станува збор за поранешен градоначелник обвинет за шверц на марихуана, чиј син на судијата му дал 10.000 евра во обележани банкноти, откако претходно побарал трипати повисока награда за да издејствуваат заедно со Мемети погодности за неговиот татко.

TRT Balkan / агенции
Популарни