Врховниот судија Наке Георгиев, кој беше фатен со мито од 10.000 евра, признал вина и се спогодил со Обвинителството за помала затворска казна, откако истото вчера го направи и поранешниот член на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, двајцата осомничени дека лажно ветувале дека ќе влијаат и ќе му овозможат на екс градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев олеснување во предметот за шверц со марихуана.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, денеска по одржана седница во присуство на надлежен Јавен обвинител, осомничениот Н.Г. и неговиот бранител ја прифати предлог спогодбата меѓу Обвинителството и осомничениот и донесе пресуда со која осомничениот го огласи за виновен и го осуди на казна затвор во траење од 3 години за кривичното дело од чл.359 ст. 7 Примање награда за против законито влијание за која согласно КЗ предвидена е казна во висина од 1 до 10 години, соопштија од Судот.
Според ОЈО, Георгиев од 6.04. до 20.05.2024 година во Струмица и Скопје, како судија во Врховен суд во два наврати директно побарал и примил награда од вкупно 15.000 евра.
„Откако на почетокот на април, сведокот, против чиј татко се водела постапката, побарал помош од Н.Г, тој, како награда за да ги утврди околностите за интервенирање во кривичната постапка, побарал 5.000 евра, кои му биле предадени во неговиот дом во Струмица. На средбата Н.Г му рекол на сведокот дека ќе се обиде да издејствува минимална затворска казна од три години затвор за неговиот татко“, велат од обвинителството.
Судијата и сведокот имале уште неколку средби и на една од нив Георгиев му кажал дека за 30.000 евра преку сега осудениот Мемети, наводно ќе интервенираат да се спроведе постапка за спогодување со неговиот татко.
„Притоа Н.Г појаснил дека при утврдување на видот и висината на казната на татко му ќе му биде предложена и утврдена казна затвор од пет години, како минимална казна за предметното кривично дело, напоменувајќи му на сведокот дека доколку не се интервенира, татко му, по поднесен обвинителен акт, во судска постапка ќе добие многу поголема затворска казна и дека за цело времетраење на постапката, ќе му биде продолжувана мерката притвор“, стои во соопштението на ОЈО.
Георгиев му ветил на сведокот дека како судија во Врховниот суд, преку други лица, ќе интервенира, тогаш веќе осудениот татко на сведокот, да добива погодности во текот на издржувањето на казната затвор, а по исполнувањето на условите да добие и условен отпуст од издржување на затворската казна.
„ За да ги поткрепи своите ветувања Н.Г. во три наврати во присуство на сведокот, преку апликацијата Ватсап комуницирал со И.М, аразговорите ги слушал и сведокот, кога И.М кажал дека наводно се преземени сите дејствија за интервенирање за да биде одобрено барањето за склучување на предлог спогодбата така како што ветувал Н.Г.. По постигнатиот договор и наводните преземени дејствија за интервенирање, Н.Г и сведокот се договориле наградата во износ од 20.000 евра да му биде дадена по потпишувањето на спогодбата и нејзиното одобрување од страна на судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, со што би се потврдило нивното влијание“, објаснуваат од ОЈО.
Откако спогодбата била потпишана и потврдена од судот на 20.05.2024 година, судијата и сведокот истиот ден се сретнале на паркингот кај Хотел Вип. Георгиев стигнал со автомобил „Ауди А6“, по што влегол автомобил „Пасат“ на сведокот, кој му дал плико со половина од наградата, односно 10.000 евра.
„Осомничениот Н.Г. го ставил пликото во внатрешен џеб од неговото сако, излегол од возилото и се вратил во неговото возило. Во тој момент овластени полициски службеници пристапиле до возилото на врховниот судија кој седел на возачкото место и во еден момент тој го извадил пликото со паричните средства и го ставил помеѓу возачкото и совозачкото седиште каде при преглед на возилото биле пронајдени 10.000 евра кои претходно биле крим- технички обработени“, рекоа од ОЈО.
Според обвинителството, во казната на Георгиев ќе му се пресмета и времето поминато во притвор и истиот веднаш ќе биде упатен на издржување на казната затвор.
Криминалистички обработените банкноти што беа пронајдени кај Георгиев ќе бидат вратени на сведокот, а останатите 5.000 евра ќе бидат конфискувани во корист на државниот буџет како стекната имотна корист од кривично дело.