Ова е наша заедничка татковина, на сите нас и дом кој заедно треба да го градиме, рече Мицкоски / Photo: Влада на РСМ

Во Владата на Северна Македонија се одржа седница по повод 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Во обраќањето на седницата, премиерот Мицковски рече дека донесувањето на Рамковниот договор во тоа време никоја од страните потписнички не ги направи до крај среќни и задоволни, но истакна дека „Рамковниот договор го донесе тоа што во тој момент беше најпотребно и најбарано, а тоа е мирот“.

Нагласувајќи дека постоењето на различностите според етничка и верска припадност не прави различност и во потребите и приоритетите, Мицкоски порача: „Главна потреба и приоритет на сите нас е подобриот живот. Имаме исти заеднички проблеми, и затоа треба заеднички да нудиме решение и да ги решаваме тие проблеми.“

Тој рече дека Северна Македонија е заедничка татковина која мора заеднички да се гради: „Да работиме на довербата едни кон други. Сигурен сум дека ќе успееме да направиме повеќе за секој еден човек. Меѓуетничките односи се столб на нашето заедничко општество. Тие не се само правни обврски или политички договори. Тие се жив процес кој постојано бара наша посветеност и ангажираност“, истакна Мицкоски.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, од своја страна, потенцирајќи дека новата Влада „не е само на зборови, туку и на дела“, рече: „Оваа влада го докажува капацитетот за вредностите и духот на Охридскиот договор“.

По завршувањето на обраќањата, членовите на Кабинетот заминаа на заедничко фотографирање во рамки на одбележувањето на овој ден, а потоа се одржа редовната седница на Владата на која се разговараше за повеќе прашања.

TRT Balkan / агенции
Популарни