Честа е голема, одговорноста кон секој од вас уште поголема, нема да ве разочараме, рече Мицкоски / Photo: ТРТ Балкан Македонски

Македонија победи! Историска победа на народот! Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја објави убедливата победа на парламентарните и на претседателските избори.

„Поразени се предавствата, поделбите, тие стотина луѓе на ДУИ и на СДСМ кои мислеа дека се господари на нашите животи. Нив денеска ги боли главата, има и зошто. Ќе одговараат сите до еден. Поразен е бојкотот на ДУИ. Ова на нашата победа ѝ дава посебно задоволство, народот покажа дека нема да дозволи поединци да создаваат кризи и преку институции да се штитат себеси, а ДУИ покажаа дека се најмалку партија која се грижи за Македонија и станаа силно криминализирана структура. Но сѐ им се удри од глава и на крај се избојкотираа самите себеси, рече Мицкоски.

Според него, време е ДУИ да одат заедно со СДСМ во опозиција.

„Народот ја одржа најважната лекција, од власта си ја спаси државата. Оваа генерација има можност да создаде ново поглавје во кое Македонија ќе биде горда. Вечерва имаме причина за славење. Вечерва сум горд на народот кој застана на патот на поделбите. Има само една, единствена, вечна,независна Македонија. Честа е голема, одговорноста кон секој од вас уште поголема. Нема да ве разочараме“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека се во напредна фаза и во разговори за силен инвестициски пакет кој ќе ја помогне економијата.

„Очекувајте уште во првите сто дена многу добри вести за граѓаните и за македонската економија“, рече тој.

Мицкоски се заблагодари на сите кои гласале за нив, на оние кои не гласале и на оние кои гласале но не за ВМРО-ДПМНЕ.

На идните функционери им порача:

„Никогаш не го заборавајте овој народ, овој народ што испиша историја на овие избори кој со гласачко ливче го победи криминалот. Овој народ денеска ги порази сите милевци, артановци, алиевци кои го погазуваа сиве овие години и си ја врати повторно Македонија. Народот покажа дека ничија свеќа не гори до зори. Од судот на народот никој не избегал како ни од судот на бога. Не ги заборавјте овие луѓе. Оставете бел образ, бидете чесни, учете од туѓите грешки. Да не влегуваме во еуфорија, ароганција и самобендисаност, нема да биде лесно, но ова денеска е показател дека заедно ќе успееме. Нашата цел е да се гордеете со новата влада“, рече Мицкоски.

Тој најави дека за брзо време ќе почнат преговори со партиите за формирање влада.

„Уверен сум дека ќе ја формираме оваа влада во најкус можен рок“, рече тој.

Мицкоски ѝ честиташе на победата на Гордана Сиљановска Давкова.

„Верувам во нејзините капацитети и дека со доблест ќе служи на народот и на татковината. Посакувам власта во заминување да научи од грешките. На оваа земја ѝ е потребна силна опозиција. Јас ќе разговарам со секој од вас кој ѝ мисли добро на Македонија. Учиме од вашите грешки и нема истите да ги направиме“, рече тој и ги повика граѓаните вечерва да прослават на плоштадите во Скопје и во сите градови во Македонија.

Тој најави дека утре претпладне ќе одржи состанок на кој ќе се утврдат принципите од кои нема да отстапат при формирањето на новата влада.

„Ќе го направиме овој мандат нешто што ќе се памети со генерации. Да бидеме пример за сите идни генерации“, додаде Мицкоски и додаде дека во текот на денот се слушнал со Изет Меџити, Билал Касами и со Арбен Таравари.

Мицкоски најави разговори со сите партии за да се види која точка на поврзување ќе ја имаат, што не значи дека ќе бидат дел од владината коалиција.

TRT Balkan / агенции
Популарни