Земјава ќе може да се обрати и за дополнителна економска поддршка / Photo: Влада на РСМ

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска во Вашингтон на маргините на Самиотот на НАТО, остварил средба со премиерот на Унгарија Виктор Орбан со кој договориле во иднина да воспостават специјална економска соработка.

Тоа значи дека министерствата за финансии на двете Влади ќе отпочнат процес во којшто унгарската Влада ќе и позајми на македонската Влада сума од 500 милиони со камата од 3,25 проценти, три години грејс период и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години. Дополнително, земјава ќе може да се обрати за дополнителна економска поддршка.

„Денеска заедно со унгарскиот премиер Виктор Орбан имавме исклучително квалитетна и плодна средба. Разговаравме за неколку теми меѓу кои и темата која што можеби за македонските граѓани е најважна, а тоа е дека двете влади се договорија во иднина да воспостават специјална економска соработка, нешто што ќе значи сигурност и нешто што ќе значи финансиска стабилност за нашата македонска економија. Во името на таа соработка се договоривме дека веднаш сега одговорните лица, Министерствата за финансии на двете Влади да отпочнат процес во кој што унгарската Влада ќе и позајми на македонската Влада сума од 500 милиони евра под следните услови, а тоа се камата од 3,25 проценти, 3 години грејс период, и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години“, изјави Мицкоски.

Тој објасни дека имајќи во предвид дека се воспоставува специјална економска соработка, тоа ќе подразбира дека во иднина кога ќе има потреба од такво нешто, ќе може повторно да се обратиме до специјалниот економски партнер- унгарската Влада и да побараме дополнителна поддршка што ќе биде потребна за македонската економија.

„Сакам да ја информирам македонската јавност дека овие 500 милиони евра ќе бидат употребени на следниот начин: 250 милиони евра директно поддршка за македонската економија под истите услови, 3.25 проценти камата, 3 години грејс период, 12 години рок на отплата или вкупно 15 години. Македонската економија ќе добие услови кои што до сега не можела да ги добие на економскиот и финансискиот пазар, а 250 милиони евра ќе бидат наменети за капитални проекти кои што ќе бидат изведени во општините и ќе бидат исклучиво наменети за потребите на граѓаните. Македонија се сака со дела, продолжуваме понатаму и овде во Вашингтон“, рече Мицкоски.

Владината делегација утре од Вашингтон продолжува за Њујорк, каде ќе има средби со македонските иселеници таму.


TRT Balkan / агенции
Популарни