Христијан Мицкоски, претседателот на најголемата македонска опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и еден од предводниците на протестите кои веќе петти ден се одржуваат во македонската метропола Скопје, на вонредна прес-конференција побара да се расчисти инцидентот пред плоштадот Скендербег.
Според него станува збор за „тежок инцидент кој смета дека е полициска монтажа“ и повика на смиреност.
Дел од поворката на демонстранти се судри со друга помала група при што имаше довикувања, навреди и фрлање со тврди предмети, а две лица беа забележани со пиштоли во рацете.
„Ова требаше да личи на меѓуетнички конфликт, а не е ништо повеќе од борба за власт. Ова нема врска со меѓуетничка нетрпеливост. Подолго време добивам неформални информации за моја елиминација, но не им придодавав значење. Видовме две лица со огнено оружје, а слабо полициско присуство. Имаше истрели кои можеа да завршат во илјадниците кои излегоа на протести. Ваквото сценарио го најави власта и министерот Бујар Османи дека ќе има меѓуетнички инциденти. Власта се обиде и да уфрли полициски инфилтрирани меѓу демонстрантите кои ќе бидат насилни, но нивните обиди ќе завршат неуспешно“, порача Мицкоски.
Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија вечерва целосно ги демантираше тврдењата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека полицијата не била присутна и не реагирала при инцидентот кај споменикот Скендербег.
„Полицијата беше на лице место, во истиот момент реагираше и го спречи насилството, а едно лице веднаш беше приведено кое е осомничено за пукање од огнено оружје“, рекоа од МВР.
По интервенцијата на полицијата беше спречен поголем инцидент. Дел од демонстрантите ги спречуваа останатите да се судрат со малата група која фрлаше со предмети и бараше да продолжат со планираната рута кон Министерството за надворешни работи и Собранието на Република Северна Македонија.
Кратко по инцидентот, Мицкоски објави слика од еден од вооружените за кого посочи дека вечерва сакал да го убие и побара итна реакција на полицијата.
„Ќе ми дозволите и една директна порака до Албанците, оваа борба е заедничка каква што била низ вековите и каква што ќе биде во заедничката иднина. Порака до Македонците да останеме мирни и достоинствени. Сакам да ве уверам и покрај тоа што има хушкачи меѓу Македонците, ќе продолжиме до крај уште помасовно“, порача Мицкоски од партиското седиште.
Запрашан за партиската поврзаност на еден од вооружените кои се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ на градско ниво, Мицкоски порача да не се политизираат работите и изјави дека секој кој сторил криминал треба да одговара без оглед на неговата партиска припадност.
МВР го приведе осомничениот
Осомничениот кој испука куршуми во воздух е приведен од полицијата.
„Е.Ј.(40) претходно испукал со пиштол во воздух, додека група демонстранти, кои се движеле на потегот од Владата на Република Северна Македонија кон Министерството за надворешни работи, го нарушиле јавниот ред и мир со фрлање со камења кон група граѓани“, велат од МВР.
Протестот пред Собранието вечерва заврши со помали инциденти, двајца повредени полицајци и неколкумина приведени. Инцидентите ги предизвикале луѓе со „фантомки“, додека пак дел од мирните демонстранти се обиделе да ги спречат во намерата да предизвикаат поголеми немири и да ги отстранат од протестот под мотото „Ултиматум - Не благодарам“.
Протестите кои се поддржани од опозицијата продолжуваат со главните пораки дека не се прифаќа „францускиот предлог“ за отстранување на ветото на Бугарија со кој земјата би ги започнала преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ).
Опозицијата и демонстрантите сметаат дека на овој начин се овозможува Бугарија да бара од земјата откажување од националната историја и дека ќе бидат загрозени македонскиот јазик, култура, образование и национален идентитет.
Владејачката партија Социјал-демократски сојуз (СДСМ) пак, го обвини Мицкоски дека е „лажна“ жртва и дека не успеало како што велат тие, неговото црно сценарио со цел да предизвика меѓуетнички инциденти.
ДУИ со осуда за инцидентите
Демократската унија за интеграција (ДУИ) најостро ги осуди инцидентите на како што рекоа „антиевропските протести поттикнати од проруските елементи во нашето општество, вклучително и сценариото што вечерва беше реализирано на плоштадот Скендербег во Скопје“.
Од ДУИ дополнија дека „инцидентот меѓу активистите на ВМРО, Левица и Алијанса на Албанците не може да не се смета за однапред смислен и испланиран од оваа коалиција бидејќи протагонисти беа токму овие три партии и нивните поддржувачи“
„Лицето што вечерва ги нападна своите коалициски партнери, вчера заедно со својот брат водеше кампања за ВМРО-ДПМНЕ, додека денес е функционер на ВМРО, директор на Комунална Хигиена во Скопје“, соопштија од ДУИ.
ДУИ повикува на смиреност и непоттикнување на меѓуетнички инциденти и насилство на протестите.
„Антиевропските сили нема да успеат затоа што нашата земја е во НАТО и граѓаните ја сакаат Европа“, рекоа од ДУИ.
На 30 јуни до Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигна нов предлог, по што започна консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на прес-конференција во петокот изјави дека новиот предлог ги инкорпорира забелешките и јасно изградени ставови на македонската страна, предвидува јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик како и тоа протоколот со Бугарија да не биде дел од преговарачката рамка.