Македонскиот премиер Христијан Мицкоски го реафирмираше ставот дека продолжуваат дипломатските напори за одблокирање на евроинтеграцијата на земјата и оти останува на ставот дека единствено прифатливо решение за Владата е уставни измени со одложено дејство.
„Повторно ќе кажам, ние работиме на дневна основа со нашите сојузници. Ако не сме таму присутни тоа не значи дека не работиме. Телефонски разговараме со сите. Апсолутно со сите. Тука да немате дилема. Денеска моментално е таму министерот за надворешни работи, Муцунски и како прва земја од регионот, а како Влада сме најскоро избрани, нема ни пет месеци, потпишуваме Договор со високиот претставник, господинот Борел за безбедносна и воена соработка со ЕУ, прва земја во регионот потпишуваме така денеска. Први ќе ја добиеме траншата од Планот за раст, први го завршивме сето она што седум години стоеше, чмаеше, само се мавташе со знаме и се крадеше државата, сега се одглави, и сега сме повторно први и ќе продолжиме да бидеме први и во иднина ќе продолжиме“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека „имаме јасен принципиелен став кој се темели на аргументи, како и дека пред сите светски авторитети тој став го аргументирале.
„И европски, пред сите. Нема некој којшто не го слушнал нашиот став. И никаде не слушнавме од нив дека тие аргументи не се добри, тие аргументи се погрешни итн. Ќе работиме, нема да биде лесно. За жал, седум години егзибиционизам беше надворешната политика и распродавање за да може дома да крадат и да урнисуваат. Мислеа дека на тој начин ќе добијат дозвола, се им е простено дома, ама народот не простува и тоа го видовме на 8 мај“, рече Мицкоски.