Барањата на турските бизнисмени се логични и очекувани и како Влада вложуваме максимални напори да ги реализираме, рече Мицкоски / Photo: Влада на РСМ

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека турските инвеститори се добредојдени и упати повик да дојдат во што е можно поголем број во Северна Македонија.

Мицкоски учествуваше на бизнис-форумот „Дијалог помеѓу бизнис-секторот и Владата“, во организација на Стопанската комора на Македонија-Туркије (МАTТО), на кој се разменија мислења околу економските текови, а Владата ги претстави плановите за инвестиции во иднина.

На форумот присуствуваше и амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој, кој исто така имаше свое обраќање.

Освен премиерот Мицкоски, на форумот учествуваа и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, како и претставници на други институции.

Премиерот Мицкоски во своето обраќање истакна дека за него, економијата е суштински важна, најбитна. Тој истакна дека отворената и директна дискусија е многу попродуктивна.

„Во оваа влада и во мене лично гледајте партнер којшто сака да помогне и да победува заедно со вас. Вие сте луѓе коишто функционирате овде. Вие сте херои коишто обезбедувате плата за вработените што останале во оваа земја и коишто мака мачиме да ги задржиме тука. Ние сакаме да ви помогнеме, во рамките на законот, се разбира, и Уставот, и ќе сториме сѐ што е во наша моќ да помогнеме. Да имаме еден партнерски и искрен однос. Турските инвеститори се добредојдени, ги повикуваме во што е можно поголем број да дојдат, да инвестираат тука, заедно да инвестираме во проекти коишто се од стратешко значење“, истакна премиерот.

На новинарско прашање во врска со тоа какви барања имаат турските бизнисмени и со какви проблеми се соочуваат, истакна дека нивните барања се логични и не се надвор од очекувањата.

„Логични се барањата, за дел од барањата веќе се работи, веќе се во процес. Генерално дозволи за работа за работници од надвор, дозволи за градење, што се нашите приоритети. Мислам логични барања, не е нешто коешто е надвор од она кое што е логично и како Влада правиме и вложуваме максимални напори сето тоа да биде реализирано и мислам дека дел од тие работи веќе се реализираат. За дел до крајов на годината, така што не беше нешто надвор од очекувањата“.

Две милијарди долари трговска размена не е сон

Амбасадорот Улусој, од своја страна, рече дека Туркије ја поддржува и ќе продолжи да ја поддржува преку различни институции пријателската и братска Северна Македонија, со која имаат блиски историски и човечки односи од нејзиното осамостојување.

Тој рече дека со новата влада во Северна Македонија се решени за натамошно зголемување на односите и билатералната соработка, потсетувајќи дека првата официјална посета по стапувањето на власт на Владата ја оствари шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан.

Изразувајќи надеж дека меѓусебните посети на високо ниво ќе продолжат и во наредните месеци, тој најави дека продолжуваат подготвителните работи за официјалната посета на турскиот министер за трговија Омер Болат на Скопје, кој исто така се очекува да учествува на бизнис-форум.

Истакнувајќи дека нивната цел да го зголемат обемот на трговија меѓу двете земји, кој достигна една милијарда долари, на две милијарди долари, не е сон, туку цел што може да се постигне на краток рок, Улусој рече дека најголем придонес во оваа цел ќе биде ажурирање на постоечкиот Договор за слободна трговија меѓу двете земји.

Амбасадорот Улусој рече дека турските компании во Северна Македонија работат на повеќе полиња и обезбедуваат вработување за околу 10.000 луѓе, што, според него, дало важен придонес за економијата на земјата.

Тој понатаму истакна дека турските компании имаат голем интерес за инвестирање во Северна Македонија, а ја истакна и важноста локалните власти да обезбедат удобност во многу области, особено бирократските процедури и работните дозволи за персоналот.

Улусој рече и дека гледаат потенцијал и на полето на одбранбената индустрија меѓу двете земји.

„Како што им придаваме значење на мирот, спокојството и безбедноста на нашата земја, подеднакво им придаваме значење на мирот, спокојството и безбедноста на Балканот, вклучително и Северна Македонија. Во овој контекст, подготвени сме да одговориме на потребите на одбранбената индустрија на нашиот пријател и сојузник, Северна Македонија“, нагласи Улусој.

МАТТО, мост меѓу двете држави

Свој воведен говор имаше и претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски, кој им се заблагодари на високите владини претставници што во толку голем состав посветија време за оваа средба.

„Македонско-турската комора е комора што ги спојува, мост помеѓу двете држави, меѓу Република (Северна) Македонија и Република Туркије. Комора што се залага за инвестиции во сите до денес изминати години. Комора којашто со заложбите придонесе да има денес во Република (Северна) Македонија преку две милијарди долари турски инвестиции“, рече Адемовски, додавајќи дека ова претставува 38 отсто од вкупните инвестиции што се направени во Северна Македонија.

Во текот на бизнис-форумот, претставниците на компаниите членки на МАТТО имаа прилика да поставуваат прашања директно до владините претставници и да се информираат во детали околу можностите и поддршката што ја нудат институциите.

TRT Balkan / агенции
Популарни