Македонскиот премиер Христијан Мицкоски, денеска во Скопје, по средбата со премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, кој е во официјална посета на Северна Македонија, изјави дека разговарале за подобрување на односите и економијата на двете земји, додавајќи дека ја споделуваат визијата дека иднината на регионот е во Европската Унија.
На заедничката прес-конференција со премиерот на Србија, Мицкоски рече дека се разговарало и за соработка во областа на културата и образованието и дека се согласиле дека инвестирањето во младите е инвестирање во иднината.
„Во срцето на нашите разговори беше разбирањето дека споделуваме многу повеќе од заедничка граница. Многу од граѓаните на двете земји споделуваат историја, култура, семејни врски и, најважно од сè, заеднички стремежи за просперитет и мир за нашите народи. Разговаравме за начините како да ја продлабочиме економската соработка, како да ги поврземе нашите луѓе и како да создадеме можности за идните генерации кои доаѓаат“, рече Мицкоски.
Според него, разговарале и за предизвиците со кои се соочува регионот, и заклучиле дека е важно заеднички да се работи на стабилноста на целиот регион и се согласиле дека дијалогот е единствениот начин за решавање на несогласувањата.
Тој додаде дека двете земји споделуваат визија дека иднината на регионот е во Европската Унија и дека со заеднички напори можат да ги исполнат критериумите, но и да донесат придобивки за граѓаните од евроинтеграциите.
Мицкоски изјави дека Северна Македонија ја финализира тендерската документација за интерконектор, кој треба да започне со изградба.
Тој истакна дека станува збор и за изградба на брза пруга, што е стратешки приоритет на Владата на Северна Македонија, додавајќи дека регионалното поврзување останува приоритет на двете земји.
„Ја отворивме и темата за одржување заеднички седници на двете влади, како што тоа го направивме со другите соседи. Мислам дека односите меѓу нашите земји се на високо ниво и дека во наредниот период дополнително ќе ги продлабочуваме нашите врски, како и дека ќе градиме добрососедски односи со сите наши соседи и дека сите ќе бидеме дел од ЕУ заедно“, изјави Мицкоски.
На прашањето дали 2027 година е краен рок за гасна интерконекција меѓу Северна Македонија и Србија, Мицкоски одговори: „Зошто да не“ и додаде дека двете влади се обврзале тоа да биде приоритет.
Мицкоски изјави дека стратешка цел на Владата е да биде крстосница на овој дел од Европа во однос на патната, железничката и гасната инфраструктура, а гасното поврзување е еден од приоритетите, додавајќи дека тоа треба да биде приоритет и за Централна Европа и во со цел да се намали зависноста од рускиот гас.
„За нас е важно да го завршиме интерконекторот со Грција, а потоа и со Србија. Убеден сум дека тоа што го разговаравме денеска ќе го завршиме успешно“, рече Мицкоски.
Вучевиќ, пак, рече дека Србија ѝ дава целосна поддршка на Северна Македонија на нејзиниот европски пат, со оценка дека ЕУ требаше одамна да и даде можност да напредува на тој пат.
„Немаме проблем тоа јавно да го кажеме. Ние веруваме во заедничка европска судбина и приказна за целиот регион. Сметаме дека на овој начин меѓусебните односи во целиот овој регион ќе се релаксираат, Западен Балкан заслужува шанса и поддршка од целата ЕУ. Верувам дека времето што претстои ќе го потврди тоа“, рече Вучевиќпо средбата со Мицкоски.
Тој изјави дека двете земји имаат традиционално добри билатерални односи и дека енергијата била доминантна тема на денешните разговори, бидејќи секоја земја во регионот, како што вели, троши се повеќе струја, што претставува голем предизвик.
„Пред нас се големи предизвици, како да се направи декарбонизација, помала потрошувачка на она што влијае на животната средина, без истовремено да се загрози енергетската, економската и политичката стабилност. Ова е тема која ќе продолжи да биде доминантна во овој регион“, рече Вучевиќ.