Во Грција е извршена реконструкција на Кабинетот откако владејачката партија Нова демократија (НД) загуби приближно еден милион гласови на изборите за Европскиот парламент (ЕП) кои се одржаа на 9 јуни.
Павлос Маринакис, портпаролот на Владата на Грција, изјави дека се направени промени во министерствата за внатрешни работи, развој, имиграција и азил, труд и социјално осигурување и земјоделство, согласно со одлуката на премиерот Кирјакос Мицотакис.
Со извршената реконструкција на Кабинетот, министерот за имиграција и азил Димитрис Керидис го замени Никос Панајотопулос.
Тодорис Ливаниос, кој ја извршуваше функцијата заменик-министер, е назначен за министер за внатрешни работи, а Ники Керамеос стана нов министер за труд и социјално осигурување.
На местото на Коста Стрека во Министерството за развој е назначен Такис Теодорикакос. Функцијата министер за земјоделство ќе ја извршува Костас Циарас.
Новите членови на грчкиот Кабинет ќе положат заклетва во 18 часот по локално време.
Нова демократија, која е на власт во Грција од 2019 година, освои 28,3 отсто од гласовите на изборите за ЕП, но не ја достигна целта од 33 отсто што ја постави Мицотакис за време на изборната кампања, како и 40 отсто од гласовите што ги имаше победи на националните избори во јуни минатата година.