Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, изјави дека новата Влада на Северна Македонија го прекршува Договорот од Преспа од 2018 година.
Говорејќи на јавната дебата со поранешниот американски амбасадор Даниел Спекхард, одржана во Советот за надворешни односи, тинк-тенк со седиште во Вашингтон, Мицотакис рече дека новата Влада на земјата го прекршува Договорот од Преспа од 2018 година.
„Еден од фундаменталните, ако не и најфундаменталните аспекти на овој договор беше поврзан со тоа името Северна Македонија да се користи ‘ерга омнес’. И ова е нешто што е многу јасно за Грција и за што не може да се преговара. Кога слушам дека новата Влада ја нарекува државата Република Македонија во земјата, имам сериозна загриженост“, рече Мицотакис.
„Тоа не е конструктивно и не помага на европскиот пат на Северна Македонија“, додаде тој.
На 28 јуни грчкото Министерство за надворешни работи ја обвини Северна Македонија за иредентизам, велејќи дека нејзиното раководство се оддалечува од добрососедските односи по објавата на социјалните мрежи на претседателката Гордана Силјановска Давкова во која таа истакна дека се сретнала со делегација на етнички Македонци од „Егејска Македонија“.
Северна Македонија и Грција го потпишаа Договорот од Преспа во јуни 2018 година, според кој Македонија го смени името во Северна Македонија, а Грција го отстрани ветото за членство во НАТО.
Мицотакис се осврна и на односите меѓу Грција и Туркије за кој рече дека се значително подобрени од минатата година.
Мицотакис истакна дека иако некои фундаментални турски ставови во однос на источниот Медитеран остануваат непроменети и при затоплувањето на односите, „ние соработуваме подобро во справувањето со нерегуларната миграција. Постигнавме договор што им овозможува на турските граѓани да патуваат на (некои) острови во Егејското Море преку шема за олеснување на визниот режим. Ова е меѓу позитивните чекори“.