„Туркије секогаш беше со Хрватска со своето разбирање и поддршка во тешките моменти“, рече Милановиќ, на заедничката прес-конференција со турскиот претседател Ердоган, одржана во Загреб.

Ставовите на Хрватска и Туркије се разликуваат во однос на прашањето на Изборниот закон во Босна и Херцеговина, што покажува дека наместо протоколарен, неопходен е детален разговор за да се истакнат проблемите, изјави во Загреб претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ по состанокот со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган.

Милановиќ на заедничката прес-конференција рече дека му е чест да го прими турскиот колега со бројна делегација на турски високи функционери, и директори на институции, што како што рече, ги потенцира добрите, конструктивни здрави односи на Хрватска и Туркије кои траат 30 години наназад.

„Туркије секогаш беше со Хрватска со своето разбирање и поддршка во тешките моменти“, рече Милановиќ.

Тој истакна дека со турскиот претседател разговарал за бројни теми меѓу кои се политичката ситуација во Босна и Херцеговина, војната во Украина, положбата на Туркије, како и за трговската размена на двете држави.

„Економијата пулсира, размената не е доволно висока. Хрватска е нешто послаб извозник од Туркије, но верувам дека тие работи ќе доведат во еден поздрав размер“, рече Милановиќ.

Една од главните теми на состанокот на двајцата лидери беше Изборниот закон во Босна и Херцеговина, за кој Хрватска и Туркије имаат различни ставови.

Ердоган во текот на посетата на Сараево се спротивстави на интервенцијата на високиот меѓународен претставника Кристијан Шмит за Изборниот закон, додека лидерите на Хрватска неколку пати повикаа на спротивното, високиот претставник да ги искористи своите Бонски овластувања и да го измени изборниот закон во БиХ, што го бара владејачката Хрватска демократска заедница во БиХ.

„Повеќе од година дена се обидуваме. Владата и јас, секој на свој начин, да исправиме некои неправди и кршења на Дејтонскит договор кој е темел на мирот и функционирањето на БиХ, кој во својата основа е еден договор за поделба на власта. Ужасно деликатен и што и да „допирате“ во него или прескокнувате, и се заканувате на целата целина. Нема да ги повторувам нашите познати ставови кои се ништо друго туку утврдување на голите факти, дека Хрватите се најмалобројна, дека се еден од трите конститутивни народи и дека во БиХ може, мора и смее да се решува единствено со договор на легитимните, реалните претставници на конститутивните народи. Тоа во овој момент во БиХ не се сите кои како такви се претставуваат“, нагласи Милановиќ.

Говорејќи за улогата на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Милановиќ рече дека бил критичен кон неа, бидејќи, како што рече, високиот претставник е избран на „нерегуларен начин, без согласност на сите членки на Советот за безбедност што му ја оспорува легитимноста“.

Милановиќ рече дека Хрватска бара појаснување и акции во однос на улогата на високиот претставник во БиХ.

„Јас, по месеци обидување, на самитот на НАТО во Мадрид, во името на Хрватска, а се надевам и со поддршка на согласноста на Владата во однос на тоа прашање, реков дека високиот претставник би требало да даде знаци на живот и да ги користи своите овластувања доколку поинаку не оди, бидејќи поинаку не оди. Не верував дека ќе се случи било што и тогаш се случи нешто, но на потполно погрешен начин, со погрешна методологија, предоцна. Предизвика немири, речиси и нереди во државата па господинот се повлече. Што моментално се случува, не знам. Тој случај покажува дека кога прибегнувате кон некои мерки подоцна и премалку, таму каде пред тоа требало да биде договор и разговор, тогаш нема резултати„, рече Милановиќ.

Истакна дека не знае што ќе биде со изборите в БиХ и што ќе направи високиот претставник.

„Доколку направи нешто, ќе морам да признаам дека со него сум задоволен. Во тоа се разликуваме во ставот Ердоган и јас, Хрватска и Туркије. Но, тоа покажува дека ни треба супстантивен разговор, не протоколарен, туку детален разговор да ги истакнеме проблемите и стравовите, за кои Туркије поради својата величина, па можеби малку и оддалеченоста воопшто не е ниту свесна. Хрватската политика е целовита, нормална БиХ, со која ќе ни биде функционална БиХ, со која на Хрватска ќе и биде добро, и на БиХ со Хрватска, а понекогаш досадно. Не е лошо ниту тоа“, порача Милановиќ.

Претседателот на Република Туркије Реџеп Таип Ердоган, по посетата на Босна и Херцеговина и Србија престојува во официјална посета на Република Хрватска на покана на хрватскиот колега Зоран Милановиќ.

Во текот на посетата на турскиот претседател потпишани се неколку меѓудржавни договори, меѓу кои се и меморандуми за разбирање помеѓу хрватското и турското Министерство за внатрешни работи и тоа за обезбедување на јавниот ред и мир и за соработка на полето на управување со катастрофи и кризни ситуации.

Ердоган и Милановиќ ќе присуствуваат на отворањето на Исламскиот културен центар во Сисак, а потоа планирано е обраќање на Хрватско-турскиот економски форум во Загреб.

AA
Популарни