Милановиќ и Бегај: Албанија заслужува да стане дел од ЕУ / Photo: AA

Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, оствари средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се разговараше за односите меѓу двете пријателски и сојузнички земји, Хрватска и Албанија, како и за состојбите во регионот на југоисточна Европа и европскиот пат на Албанија откако таа земја официјално ги започна преговорите минатата годин за членство во Европската унија.

Хрватскиот претседател Милановиќ ги оцени односите меѓу Хрватска и Албанија како пријателски и рече дека Хрватска се труди што повеќе да и помогне на Албанија за влез во Европската унија.

„Албанија, според мене, одамна требаше да биде во многу повисока фаза на интеграција во Европската Унија. Немаше ниту една реална политичка, безбедносна или економска причина Албанија сега да не биде на крајот од преговорите. Тоа не стана, а верувам дека ќе стане, поради предрасудите не само кон Албанија туку и кон некои други земји“, рече Милановиќ.

„Клучен проблем е во предрасудите на западна Европа кон Балканот, муслиманите, бидејќи Албанија е земјата која мнозински е населена од граѓани по муслиманска вероисповед, а тоа во западна Европа очигледно стана проблем“, додаде Милановиќ.

„Косово е реалност, огромното мнозинство од Европската Унија и НАТО го признаа, некои земји не го признаа, ако сега ги прашате зошто не, не би знаеле да ви објаснат. Ќе правиме се, и тоа никогаш не со цел да ја провоцираме Србија, туку да се обидеме да ги увериме, колку што тоа е можно, а тешко е, дека тоа е реалност. Реалноста е дека Косово е дел од Европа, дека во не така далека иднина ќе го признаат сите европски држави и дека тука Србија се наоѓа во една помалку политичка шизофрена ситуација, поделена ситуација, во која од една страна фантазира во однос со Русија, на која Србија и е само еден мал привезок, а од друга страна, мораат да живеат во Европа. Прашањето на Косово, за жал, е неразделно од прашањето на односот со Србија“, рече Милановиќ.

Тој оцени дека големо мнозинство граѓани на „Србија ја прифатила реалноста за Косово.“

На новинарско прашање за можно избувнување на судири во регионот поради Косово и статусот на Република Српска, енитет во Босна и Херцеговина, Милановиќ оцени дека на овој простор не му се заканува близок воен судир.

„Како прво, тука ниту една држава не е сериозно вооружена. За сериозен судир меѓу ентитетите од овој простор потребни се луѓе кои се помалку ги има, млади мажи кои ги има уште помалку, потребно е оружје, борбени системи, кои ги нема. За да некој од страна се вклучи, тука веројатно се мисли на Русија, тоа е невозможно“, изјави Милановиќ.

Тој ја коментираше победата на Јаков Милатовиќ на претседателските избори во Црна Гора, нагласувајќи дека таа победа никој не ја оспорува и рече дека тој политички го поддржал Мило Ѓукановиќ на изборите. Милановиќ истакна дека Црна Гора е независна земја и членка на НАТО и дека земјата има јасно дефинирана рамка и политички пат.

Милановиќ укажа на важноста на патно поврзување на Албанија со земјите на Европа, како и на важноста на јакнење на поморските врски помеѓу пристаништата Плоче и Драч.

Бегај: Европскиот пат и мир во регионот се во итерес на сите

Ова е втора посета на претседателот на Албанија Бајрам Бегај во странство, по посетата во Косово која Бегај ја оцени како значајна.

„Мојата посета на Хрватска е важна, како во контекст на односите меѓу двете земји, така и во контекст на регионалните и европските настани.

„Имав можност да имам долг и пријателски разговор со претседателот Милановиќ со главен фокус на натамошното зајакнување на билатералната соработка, европската интеграција на Албанија и настаните во регионот“, рече Бегај.

„Хрватска може да биде добар пример за Албанија, но и за земјите од регионот кога станува збор за евроинтеграциите. Ја изразувам мојата благодарност за големиот напор што Хрватска го вложува во процесот на европска интеграција на Албанија. „Хрватска беше голем поддржувач на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан“, рече Бегај.

Бегај се заблагодари за поддршката што претседателот Милановиќ и хрватските институции му ја дадоа на Косово и во процесот на признавање и во процесите на членство во меѓународни и регионални организации, како и во контекст на визната либерализација.

„Мислам дека сите лидери на Западен Балкан би требало да се однесуваат како државници. Празната и националистичка реторика, која на ништо не му служи освен растот на тензиите во нашиот регион, треба да се остави по страна“, порача албанскиот премиер Бајрам Бегај во Загреб.

TRT Balkan / агенции
Популарни