На покана на претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу, пристигна во дводневна официјална посета на Република Хрватска, при што двајцата претседатели разговараа за билатералните односи меѓу Хрватска и Косово, политичката и безбедносната ситуација во југоисточна Европа, актуелните случувања на северот на Косово и европската и евроатлантската перспектива на Косово и останатите земји од југоистокот на Европа.
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, рече дека Косово е држава која е пријателска за Хрватска и истакна дека еден од проблемите е признавањето на Косово од сите европски држави, што се нема остварено ниту по искажаното мислење на Хашкиот суд во 2010 година. Додаде дека признавањето од азиските и африканските земји ќе биде условено од други политички околности.
„Гледаме последниве недели ескалација на судир и опасни активности на северот на Косово, зад кои некој стои организациски, материјално, финансиски. Нашите ставови тука се јасни, Србија треба да ни даде некои одговори за некои работи. Кои се, од каде се, кој ги финансирал, тоа се работи кои веќе сме ги виделе во историјата и не сакаме да ги гледаме повторно. Затоа што ако тука нема последици, тоа значи дека чекаме наредно такво случување, само од поголеми размери и магнитуда, но тоа не би смееле да го дозволиме“, изјави Милановиќ.
Тој додаде дека не сака поради нападот на 24 септември на северот на Косово од вооружена група да го впери прстот кон српскиот претседател Александар Вучиќ, но дека треба да се дознае кој стои зад тоа.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу, ја нарече Хрватска пријател, сојузник и партнер на Косово, додавајќи дека во регионот постојат мрачни сили кои Косово и регионот сакаат да ги вратат во мрачното време на 1990-тите.
Таа порача дека Хрватска го поддржува Косово во НАТО-сојузот, Европската Унија и Обединетите нации, каде Косово сака да биде присутно како постојана членка, притоа пофалувајќи го неодамнешниот повик на претседателот Милановиќ во ОН да се признае реалноста на Косово.
„Косово се соочува со една од најтешките ситуации во последните години поради хибридни дејствија преку терористичките активности кои се диригирани и наредени од Србија“, рече Османи.
Додаде дека целта на Србија е да го анектира северот на Косово и ги изнесе главните слоеви на собраните докази кои го поврзуваат државниот врв, војската на Србија и Министерството за одбрана на Србија со групата што го изврши нападот на северот на Косово.
„По нападите што се случија, фокусот треба да се насочи кон изведување на сите одговорни пред лицето на правдата и кон добивање јасни безбедносни гаранции, особено кога станува збор за безбедноста на границата меѓу Косово и Србија и санкционирање на Србија како мерка што ќе може да спречи слични напади во иднина“, порача Османи.
Косовската претседателка го извести својот хрватски колега Милановиќ за доказите што ги собрала косовската страна по нападот на северот на Косово од 24 септември.
„Она што му штети на целиот регион е српското политичко раководство бидејќи го имаме Вучиќ кој не може да се оддалечи од политиката на Милошевиќ, која од 1990-тите години е водена и во Хрватска и во БиХ“, рече таа.
Додаде дека „бандата на Милан Радоичиќ“ им се заканува и на Србите во Косово:
„Ако треба Србите да се заштитат од некого, косовските Срби треба да се заштитат од Вучиќ и бандите кои се поддржани и политички финансирани, и денес се кријат и се штитат во Србија за да избегнат соочување со правдата“, изјави Османи.
„Потребно е да се заштитат границите на Косово од влез на оружје и вооружени групи во Косово“, заклучи таа.
Милановиќ порача дека е против воведување санкции кон Србија, нагласувајќи дека и Косово во моментов е под одредени санкции на Европската комисија, кои, како што рече, имаат смисла кон поединци, но дека не ги поддржува економските санкции кон народот и за целата држава. Нагласи дека кризата на северот на Косово, како и кризата во Израел и Газа, ѝ одговара на Русија, но дека не е сигурен дека Русите учествувале во организацијата на овие случувања.
„Заедницата на српски општини на Косово е нешто што треба да се признае, независно кој е на власт во овој момент во Србија“, рече Милановиќ, оценувајќи дека косовската јавност е во состојба да го прифати тоа.
Хрватска го поддржува членството на Косово во меѓународните организации, вклучително и поддршката за доделување кандидатски статус за членство во Европската Унија.
Претседателот Милановиќ веќе повеќепати јавно ги повика членките на ЕУ кои не ја признаа независноста на Косово да го сторат тоа. И во својот неодамнешен говор во Обединетите нации во Њујорк, Милановиќ нагласи дека Хрватска се залага за универзално признавање на Косово и неговото право да постои како рамноправен член на заедницата на народи.