Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, изјави дека регионалната соработка, заедно со европската интеграција, е клучен надворешнополитички приоритет на Црна Гора.
Милатовиќ е домаќин на денешниот Самит на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP) во Подгорица, со кој завршува едногодишното претседавање на Црна Гора со таа регионална иницијатива.
„Одговорот на високите функционери во оваа бројка е потврда за успехот на црногорското претседателство. Денеска завршивме голем број активности. Фокусот беше на регионалната соработка, зелената економија, борбата против организираниот криминал, енергетската безбедност“, изјави Милатовиќ на прес-конференција.
Тој истакна дека се постигнати некои важни цели.
„Сараево и Кишињев добија кандидатски статус, Скопје и Тирана ги отворија преговорите, Загреб влезе во еврозоната. Пред три години Црна Гора ја доживеа првата демократска промена на власта и покрај тоа што во 1990 година воведе мултипартизам“, рече Милатовиќ.
Тој нагласи дека овие заеднички успеси претставуваат потврда за важните исчекори за нашиот регион, што се потврди и со денешното усвојување на заедничката декларација.
Северна Македонија на 1 јули ќе го преземе претседавањето со SEECP од Црна Гора.
„Драго ни е, претседателе Пендаровски, што ви го предаваме кормилото на оваа иницијатива“, рече Милатовиќ.
Тој нагласи дека денешната средба е уште една можност да се покаже поддршка за Украина поради рускиот напад.
„Чест ми е што Црна Гора успеа да собере толку голем број лидери на една маса. Испративме порака дека сме посветени на регионалната соработка и европската иднина“, заклучи Милатовиќ.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, рече дека за време на претседавањето таа земја ќе се фокусира на принципите наведени во основачките акти на регионалната иницијатива.
„Слоганот е 'Премостување на поделбите и градење доверба'. Ќе вложиме максимални напори за да постигнеме поголема регионална стабилност и просперитет“, истакна Пендаровски за новинарите.
Тој посочи дека клучен предуслов за напредок во регионот е неговата интеграција во ЕУ.
„Веќе е формирана работна група која ќе креира план за процесот на активности. Ние сме целосно подготвени, сме биле дел од овој процес и претходно и ова не ни е непознато“, додаде тој.
На самитот присуствуваа високи претставници на учесниците на SEECP: претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски; претседателката на Косово, Вјоса Османи; претседателот на Бугарија, Румен Радев; претседателот на Албанија, Бајрам Бегај; претседателот на Владата на Хрватска, Андреј Пленковиќ; првиот потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ; потпретседателот на Владата на Молдавија, Олег Серебријан; министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан; генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, како и претставници на Европската комисија, Европската служба за надворешни работи, Романија, Грција и Словенија.