Министерот Тошковски се состана со австрискиот амбасадор Памер

Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија Панче Тошковски, вчера (22.01.2025) оствари работна средба со амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер.

Како што соопштија од МВР, на средбата била потврдена одличната соработка помеѓу двете пријателски земји вклучително и соработката помеѓу министерствата за внатрешни работи и заедничката посветеност кон остварување на регионалната и глобалната безбедност.

„Како надоврзување на вчерашниот состанок во ЦУК една од главните теми на разговор беше реформирањето на системот за управување со кризи, а амбасадорот Памер го образложи тековниот проект за соработка на противпожарните служби меѓу областа Тирол, Австрија и неколку македонски општини, од кои главни носители на проектот се општина Крива Паланка и општина Куманово“, велат од МВР.

Се додава дека проектот има за цел реформирање на целокупниот систем за управување со кризи преку разграничување на надлежностите на ЦУК и ДЗС, како и подобрување на одговорот на противпожарните служби на ниво на цела држава особено при справување со шумски пожари.

„Ги разгледавме заедничките чекори во борбата со криумчарењето на луѓе и илегалната миграција, против тероризмот и сајбер криминалот како едни од приоритетните области. Од останатите развојни проекти, беше споменат и проектот за развој на планинскиот туризам во Македонија, чиј поддржувач и промотор е амбасадата на Република Австрија. Разговарано беше за активностите преземени во рамки на овој проект, чија цел е развој на австриско-македонското пријателство, а и промоција на македонските планини и туризам. Промената мора да започне од нас и дека сè се може кога постои волја.“, потенцираше министерот Тошковски.

TRT Balkan / агенции
Популарни