Со сегашниот моментум во проширувањето на Европската Унија, Република Северна Македонија има реална можност да напредува на патот кон ЕУ и да се приклучи на нашето семејство, наведе претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во објава на Х посветена на неговата вчерашна средба со премиерот Христијан Мицкоски во Брисел.
„Ја поздравувам геостратешката ориентација и посветеност на Северна Македонија за членство во ЕУ, наведе Мишел.
Тој во објавата додава и дека сега е клучно да се спроведат обврските од минатото, да се почитуваат правно обврзувачките договори и решително да се продолжи со реформите поврзани со ЕУ.
За време на вчерашната работна посета на Брисел, Мицкоски, покрај со Мишел имаше средби и со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман, а присуствуваше и на работен ручек што за лидерите на шесте земји од Западниот Балкан го приреди претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен.
Премиерот за овие средби истакна дека разговарале за европската перспектива на регионот, како и европската перспектива на Македонија како држава.
Тој истакнал дека процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија и за нас, но и за регионот мора да се темели на процес кој што ќе се оценуваат постигнувањата, а не на билатерализација, односно на билатерални прашања, кои што ќе бидат одлучувачки фактор.
„За жал, ние речиси две и пол децении откако го започнавме овој интеграционен процес, откако го потпишавме Договорот за асоцијација и стабилизација, сме жртви на билатерални проблеми, односно на билатерализација на претпристапниот процес. И она што таму го кажав е дека ние сега се бориме да започнеме преговори во кои што ние ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите. Не зборуваме за полноправно членство во рамки на Европската Унија. Ние поради билатерални прашања, поради прашања кои што се поврзани од средниот век не можеме да се развиваме како држава за 21, 22 век, а камоли пак да зборуваме за нешто повеќе“, истакна Мицкоски.
Тој потенцираше дека повеќе нема да прифаќа ултиматуми и како влада ќе бидат конструктивни и фокусирани на исполнување на оваа стратешка цел.
Во разговорите за време на ручекот истакнал дека државава била жртва на многу понижувања во минатото, како што е промена на името, на знамето, банкнотите и промена на Уставот неколку пати и дека се залага за пронаоѓање на вистинскиот пат кон ЕУ, но тој да не биде понижувачки.