„Западниот Балкан е повеќе од било кога, стратешки приоритет за Европската Унија (ЕУ)“, порача претседател на Европскиот Совет Шарл Мишел.
Мишел на прес-конференцијата во Подгорица, по состанокот со претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, рече дека Црна Гора била многу конзистентен партнер многу години. Тој повтори дека ЕУ од самиот почеток делувала обединето за да ја поддржи Украина и да ја санкционира Русија.
„Со сите шест пакети санкции кои се договорени, го продолжуваме притисокот на руската економија. Благодарам што се усогласивте со санкциите на ЕУ кон Русија“, рече Мишел.
Според него, Црна Гора покажа добредојде на голем број бегалци од Украина.
„Западниот Балкан е стратешки приоритет за ЕУ, сега повеќе од било кога“, потенцираше Мишел.
Говорејќи за посветеноста на Црна Гора на интеграциите во ЕУ, Мишел подвлече дека повеќе од една деценија Црна Гора има рекорд од 100 отсто усогласеност со безбедносната политика на ЕУ.
„Сега е време да се забрзаат реформите така што ќе работиме со сите политички актери за да напредува процесот“, истакна Мишел.
Запрашан колку е реално Црна Гора да биде наредна членка на ЕУ, Мишел одговори дека „има многу напредок во Црна Гора“.
„Верувам дека напредок ќе биде остварен во наредните недели. Важно е да покажеме дека, доколку се спроведуваат реформи, тоа може да биде одличен сигнал за ЕУ и Западниот Балкан“, оцени Мишел.
Тој најави дека следната недела ќе биде организиран состанок на 27 европски лидери со лидерите од Западен Балкан.
Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, оцени дека посетата на Мишел упатува на посветеност на ЕУ кон европеизација на Западен Балкан. Тој рече дека разговорот со Мишел бил можност да истакне дека Црна Гора, преку случувањата во претходните две години, докажала дека е функционална парламентарна демократија.
Мишел за „Отворен Балкан“: Процесот може да биде многу оперативен
На новинарско прашање во врска со иницијативата „Отворен Балкан“, Мишел одговори дека ЕУ секогаш ќе поддржува иницијативи кои охрабруваат соработка на државите во регионот, а дека одлуката мора да ја преземат владите.
„Процесот е отворен за сите држави на регионот и може да биде многу оперативен. Верувам дека повеќе економска соработка може да биде позитивен чекор, но секако, ги почитуваме одлуките на лидерите на државите. Разбрав дека тоа е инклузивен процес, што е важно за ЕУ“, наведе Мишел.
Ѓукановиќ рече дека Црна Гора одлуките ги донесува во институциите и врз основа на своите интереси.
„Прашањето премногу се политизираше, мислам дека не заслужува толкаво внимание“, рече Ѓукановиќ.