Припадниците на ЕУРОГЕНДФОР ќе ја засилат Специјализираната полициска единица (СПУ) на ЕУЛЕКС / Photo: Reuters

Мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС) објави дека ја зајакнува Специјализираната полициска единица (СПУ) преку привремено распоредување на припадници на Европските жандармериски сили (ЕУРОГЕНДФОР).

Станува збор за припадници на француската национална жандармерија, италијанските карабинери, литванската служба за јавна безбедност и португалската Национална републиканска гарда.

Овие сили ќе работат заедно со припадниците на Специјализираната полициска единица на ЕУЛЕКС со цел да се промовира стабилноста и безбедноста во Косово за сите заедници.

„Овие сили се очекува да пристигнат во Косово за да ги зајакнат капацитетите на мисијата на терен и да обезбедат поддршка за косовската полиција. Како втора инстанца во трислојниот безбедносен систем за одговор, тие, доколку е потребно, ќе спроведуваат видливи патроли и ќе придонесат за безбедносна ситуациона свест“, соопшти ЕУЛЕКС.

Распоредувањето на оваа резервна единица се случува во пресрет на парламентарните избори што ќе се одржат во Косово на 9 февруари.

TRT Balkan / агенции
Популарни