После долги години на дното оваа година за првпат имаме можност како држава да стигнеме до прилив од странски директни инвестиции до една милијарда евра, соопшти денеска портпаролката на Владата Марија Митева.
Според Митева, странските директни инвестиции (СДИ) во Македонија во периодот јануари-септември достигнаа 838,2 милиони евра, што е зголемување од 348,4 милиони евра во однос на истиот период лани и убедлив рекорд во изминативе 20 години.
„Воедно, податоците покажуваат дека само во третиот квартал од годинава, приливот на странски директни инвестиции во Македонија достигна 281,6 милиони евра. Ваквиот прилив се должни на економската и политичката стабилност која ја покажуваме како Влада, на предвидливоста и стабилноста која ја имаат компаниите, на посветеноста и заложбата во процесите и пристапот на нулта толеранција со корупција кои беа индикатори за намалени инвестиции годините наназад“, рече Митева.
Во овој период се забележани зголемени нето-приливи врз основа на меѓукомпанискиот долг што во годините претходно можеше да се забележи како одлив и овој прилив е во вредност од 219,5 милиони евра.
„Имаме и прилив врз основа на сопственичкиот капитал во вредност од 39,9 милиони евра и реинвестираната добивка од 22,2 милиона евра. За само неколку месеци успеавме како Влада да склучиме договори со многу инвеститори како Алказар енерџи - ветерниот парк, каде ќе има 55 ветерници и ќе се гради меѓу три општини Карбинци, Штип и Радовиш. Во текот на изградбата на ветерниот парк се очекува да бидат отворени 630 нови работни места. Епсотек“, новата германско-белгиска инвестиција, за што ќе бидат вложени 20 милиони евра и отворени нови 110 работни места. Нова инвестиција на Костал од 45 милиони евра со нови 250 вработувања“, вели Митева.
Таа истакна дека од инвестициите кои оваа влада успеала да ги реализира, во следниот период очекуваат многу нови инвестиции.
„Продолжуваме посветено во полето на привлекување на странски директни инвестиции, инвестираме во домашните компании преку кредитната линија од 250 милиони евра и сите овие економски политики ќе донесат забрзан раст, зголемено производство и подобар животен стандард на граѓаните“, изјави портпаролката на Владата.