Држајваните на Северна Македонија во Туркије не се во загрозувачка состојба / Photo: AA Archive


Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија (РСМ) соопшти дека деветте македонски државјани кои беа затекнаи во загрозеното подрачје од земјотресот што утрово ја погоди Туркије се на безбедно и не се во животно загрижувачка состојба.

„Деветте државјани на Република Северна Македонија, кои беа затекнати во загрозеното подрачје (осум ученици и нивен ментор/наставник, кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Република Туркије), според последните информации се на безбедно и не се во животно – загрозувачка состојба. Се работи за ученици во средно училиште од Гостивар, при што учениците доаѓаат од поширокото соседство – Маврово, Тетово итн.“, информира Министерството за надворешни работи (МНР) на Северна Македонија.

Оттаму додават дека по инструкција на МНР, Амбасадата во Анкара испрати дипломат заедно со дополнително возило – комби – со кое загрозените граѓани ќе бидат упатени на безбедна локација од каде ќе го продолжат патот кон земјава.

„Последните информации говорат дека за едно од децата кое има скршеница, направена е првична медицинска санација, и истото е подготвено за патување и заедно со групата ќе биде упатено назад кон земјава, штом дипломатот од Амбасадата во Анкара пристигне на лице место“, соопштуваат од МНР.

Меѓу другото, додаваат и дека последните информации од Амбасадата во Анкара и Генералниот конзулат во Истанбул нема други државјани на Северна Македонија кои се наоѓаат во загрозена состојба, или на кои им е потребна асистенција, а претставништвата „остануваат отворени за евентуална интервенција доколку се појави потреба.“

„Ја користиме приликата уште еднаш да посочиме дека нашите дипломатски претставништва во Турција (Туркије) се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања“, додаваат од МНР.

Земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтер во понеделникот наутро ја погоди Туркије со епицентар во областа Пазарџик во Кахраманмараш. Според досегашните информации, во земјотресите во Туркије загинаа 2.379 лица, додека 14.483 лица се повредени.

Земјотрес ја погоди и Сирија, каде загинаа најмалку 1.356 лица.

TRT Balkan / агенции
Популарни