МНР: Реафирмирана цврстата поддршка за Украина и осуда за руската агресија / Photo: AA

Македонската поддршка за резолуцијата за Украина која беше коспонзорирана со САД и други земји не значи напуштање на поддршката за украинските напори во тековната војна со Русија, соопштија од македонското МНР.

„Одлуките на Република Северна Македонија во поглед на поддршката и гласањето за резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на темелно истражување и анализа на актуелните глобални надворешнополитички движења, утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители, нашата заложба за зацврстување на мирот, безбедноста и просперитетот во светот, како и стратешкиот интерес на државата за создавање стабилна позиција и градење поцврсти односи со нашите стратешки партнери, се вели во соопштението од МНР.

Во ОН беше поднесена резолуција за Украина од страна на САД, но во која не беше спомната руската агресија, а доби поддршка од САД, Русија, Северна Македонија и други држави. Потоа резолуцијата доби амандмани од Украина и земји членки на ЕУ, а земјата гласаше воздржано.

„Донесените одлуки во врска со нашето спонзорирање и гласање за резолуциите на Генералното собрание на ОН немаат и не треба да бидат толкувани како повлекување или промена на претходно изразените позиции. Напротив, со нив Република Северна Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација, истовремено изразувајќи силна солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата“, се вели во соопштението на МНР.

Од МНР надополнуваат дека особено се земени предвид и актуелните силни заложби на претседателот на САД и американската администрација за побрзо завршување на воените активности меѓу Украина и Руската Федерација преку водење ефективни и непосредни преговори, чија основна цел е што поскоро постигнување на траен мир и безбедност во Украина и поширокиот регион.

„Во оваа насока, потсетуваме дека како и во изминатите три години, така и денес и во иднина, Република Северна Македонија останува силно приврзана кон севкупните напори на меѓународната заедница, особено на САД и Европската Унија, за што побрзо постигнување на прекин на воените дејствија и обезбедување на траен и одржлив мир, како во Украина, така и пошироко во регионот и светот“, велат од МНР.

AA
Популарни