Наместо со пасош, на граница со мобилен телефон. Ова треба да биде една од главните придобивки на дигиталниот пасош кој како пилот проект ќе се спроведува во неколку земји.
Според замислата на проектот, ако некој сака да патува во одредена земја, преку мобилна апликација само ќе најави кога ќе го реализира патувањето и со тоа на граничниот премин ќе го скуси времето потребно за класичната процедура и пасошка контрола. Податоците за патникот на граничните служби ќе им бидат достапни преку неговиот телефон.
Граѓаните на Хрватска први во регионот ќе го имаат дигиталниот пасош. Тие заедно со граѓаните на Финска, Холандија и Канада ќе бидат дел од проектот чија цел е олеснување на патувањата и зголемување на безбедноста на патниците со помош на најновите технологии.
Проектот во Хрватска го спроведуваат Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за комерцијална дејност. Тие допрва ќе спроведат бројни тестови за да ја утврдат функционалноста на проектот. Европската комисија одобри финансирање од 2,3 милиони евра.
Како ќе се користи е-пасошот?
Дигитализираните податоци сочувани во чипот на e-пасошот се идентични со податоците испечатени во пасошот кој граѓанинот физички го поседува. И врз основа на тоа може да се изврши идентификација на патникот. Во Хрватска ќе биде изготвена и мобилна апликација која може да ја поседува секој граѓанин кој поседува документ за лична идентификација со чип. Тој ќе може преку неа да го докажува неговиот идентитет.
Целта на дигиталниот пасош е во иднина наместо пасошот во физичка форма да биде доволен единствено мобилниот телефон односно соодветна апликација. Идентификацијата на аеродромите би се одвивала со проверка на податоците во неа и со фотографирање на патниците при влезот во авионите. Во првата фаза од проектот во Финска според најавите класичните пасоши се уште би биле неопходни. Патникот би се фотографирал, но неговите податоци би можеле да бидат скенирани и со затворен пасош. Во следната фаза податоците би биле скенирани само од неговиот мобилен телефон. Намалувањето на времето за проверка на патниците барем и минимално би значело помали колони на граничните премини и помалку доцнења.
Пандемијата како инспирација
Измените во патните исправи беа поттикнати од ИТ индустријата во време на екот на пандемијата со корона вирусот. Првичните замисли биле ИТ индустријата и владите на дел од државите во ЕУ да го олеснат патувањето особено преку аеродромите без дополнително време за задржување. Тоа иницирало разни решенија, но Европската унија се движи кон стандардизација на еден вид дигитален пасош.
Дигитални пасоши во Украина од минатата година
Звучи парадоксално, но Украина, земја која сега се наоѓа во војна уште во 2021 на дигиталните пасоши им даде ист статус како и на класичните пасоши. Апликацијата на министерството за дигитална трансформација на Украина дава можност за електронска верзија на документите на граѓаните на оваа држава. Дигиталните пасоши во Украина освен на гранични премини можат да служат како средство за идентификација и во тамошните институции.