Европското досие на земјава, процесот на нејзиното пристапување во Европската унија и внатрешната политичка динамика беа главни теми на средбата меѓу министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон.
Според МНР, Муцунски ја апострофирал нашата цврста заложба за спроведување на реформските процеси, како и определбата за посветена работа во насока на забрзување на евроинтегративните процеси на земјата.
Муцунски посочил дека земјата останува силно посветена на евроинтегративниот процес, особено во однос на исполнувањето на условите и спроведувањето на реформите.
Притоа, ја нагласил потребата од забрзана интеграција со учество во поголема конфигурација на Советот на ЕУ, зголемена помош или прогресивно вклучување во политиката и придобивки резервирани за земјите членки.
Во тој контекст, беше поздравен Планот за раст на ЕУ и нашата посветеност на Реформската агенда, која е важна за стабилноста и просперитетот на нашите граѓани и на земјите од регионот.
„Нашето членство во Европската Унија останува најважниот приоритет на новата влада. Неопходно е земјите од Западен Балкан да покажат проактивност во спроведувањето на реформите, а ЕУ да ја потврди својата посветеност и подготвеност да прими нови земји членки. Зачувувањето на кредибилитетот на процесот на проширување е од клучно значење и во моментов е неопходна постепена интеграција пред формалното членство во Унијата“, посочи Муцунски.
Соговорниците се осврнаа на евроинтеграциите во регионален контекст, а ги разгледаа и модалитетите за зајакнување на соработката меѓу земјите од регионот и ЕУ.
Воедно, ја поздравија целосната усогласеност на земјата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што е особено важно со оглед на актуелните геополитички настани.