Одличните билатерални односи помеѓу двете земји, како и заложбите за зајакнување на соработката на политичко и економско ниво, беа во фокусот на денешниот телефонски разговор меѓу министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со неговиот турски колега, Хакан Фидан.
„Упатив благодарност за укажаната помош за справување со пожарите во земјава, што претставува дополнителна потврда за солидарноста и долгогодишното пријателство меѓу двете земји. Со министерот разговаравме и за сојузништвото и одличната соработка во рамките на НАТО, што беше реафирмирана и на Самитот во Вашингтон, напиша Муцунски на Фејсбук.
Според Муцунски, двајцата министри дополнително ги истакнале заедничките напори за справување со актуелните безбедносни предизвици и зачувување на трансатлантската и регионалната стабилност.