ЕУ мора да ѝ подаде рака на Македонија, во спротивно, тоа ќе го направат Кина и Русија, истакна Тајани / Photo: МНР на РСМ

Италија е, и останува еден од најголемите поддржувачи на нашите стратешки и надворешно-политички цели, особено кога станува збор за полноправното членство во Европската Унија. Добив уверување дека оваа поддршка ќе продолжи и во иднина, изјави министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на денешната заедничка прес-конференција со италијанскиот колега Антонио Тајани во Скопје.

Муцунски од своја страна, како што кажа, на средбата нагласил дека и понатаму сме силно посветени на реформите, добрососедските односи и регионалната соработка.

Тајани пред македонските новинари изјави дека Италија е голем поддржувач на Северна Македонија и дека работат за ченство во ЕУ за што пократко време. Според него, ЕУ мора да ѝ подаде рака на Македонија. Во спротивно, истакна Тајани, тоа ќе го направат Кина и Русија.

„Мојата посета овде не е само формална, туку е јасна порака за поддршка која ја даваме на земјите од Западен Балкан за влез во ЕУ. Мене зборот проширување не ми се допаѓа, ова се европски земји и ние треба да зборуваме за спојување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ. Не треба да направиме грешка и да исчезне сонот на илјадници млади луѓе од Балканот кои гледаат кон Европа како своја втора татковина. Ако ние не покажаме дека сакаме да ја подадеме раката од тие што ни ја даваат, има некој друг кој сака да нѐ замени, како што се Кина и Русија. Тоа е неприфатливо и Италија секогаш давала и ќе дава поддршка на земјите од Западен Блакан“, рече Тајани.

На прашањето, дали Италија дава поддршка за барањето на оваа Влада за промена на Преговарачката рамка, односно, прво да се завршат преговорите со ЕУ, а потоа да се направат уставните измени со цел внесување на Бугарите во него, министерот Муцунски рече дека на оваа тема се дискутира со сите европски земји и партнери.

„Не го делам целосно ставот дека за моделот на одложна примена на уставните измени се потребни промени на преговарачката рамка и заклучоците. Тоа е прашање на правно толкување, јас сум застапник на ставот дека тоа може да се направи без никаква промена. Имаме за цел прво да имаме предвидлив пат кон европските интеграции, а второстепено да ја заштитиме и политиката на проширување на вредности и приципи. Колку и да делувам репетативен ќе го повторувам тоа. Сметам дека со овој пристап на одложни примени, прво како и секоја влада го штитиме нашиот национален интерес, повторно како влада да не бидеме понижени, да не бидеме доведени во ситуации какви што бевме доведени од нашите соседи, а второстепено да обезбедиме дека патот напред кон полноправно членство ќе биде врз основа на стандарадите и критериумите“,рече Муцунски.

Тајани, пак, нагласи дека очекуваат да добијат конкретен предлог од македонска страна до Брисел за потоа да се изјаснат по истиот.

Муцунски и Тајани на средбата разговарале и за еконосмкатаа соработка меѓу двете земји.

„Сакаме да го зголемиме присуството на италијанските претприемачи. Пред да слетам се сретнав во претприемачи кои сакаат да инвестираат во Северна Македонија и им кажав дека има многу можности за инвестирање и дека оваа Влада, сака и ќе ги поддржи инвеститорите“, порача Тајани.

TRT Balkan / агенции
Популарни