Во заедничка акција на Бирото за јавна безбедност при МВР и на Царинската управа, вчера на граничен премин Богородица се запленети 188,6 килограми марихуана и е прекинат меѓународен канал за шверц на дрога.
Уапсени се двајца возачи на камионот во кој била дрогата, едниот од Тетово, другиот од кумановско, против кои се поднесени кривични пријави за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Според Обвинителството, дрогата, спакувана во 165 пакувања армирани полиетиленски кеси, ја превезувале во камион во сопственост на скопска фирма која пренесувала отпадна пресувана хартија. Дрогата била скриена меѓу балите отпадна хартија.
„Камионот бил натоварен во Приштина и првоосомничениот со легален утовар на 8 февруари влегол во државава на граничниот премин „Блаце“. Таму го пречекал второосомничениот и на паркинг плац на патот Куманово-Свети Николе била извршена замена на дел од натоварената стока со други бали во кои во внатрешноста била сокриена марихуаната. На 10 февруари, првоосомничениот се јавил на „Богородица“ на излез од државава, каде овластени службени лица го запреле, детално ја прегледале целата стока и ја пронашле дрогата“, соопштија од ОЈО.
Според директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, вредноста на запленетата дрога на се проценува на над 700.000 евра.
„Царинската управа влезе во траг и спречи меѓународен канал за шверц на дрога во заедничка акција со Бирото за јавна безбедност. Наркотичната дрога требало да заврши во Туркије. Случајот го следиме подолго време, што на крај успешно резултираше со откривање на криминалната мрежа, која требало да оперира низ неколку држави", истакна Николовски.
Јавниот обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, на возраст од 43 и 41 година, бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе се дадат во бегство, ќе ги уништат трагите од кривичното дело, ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците или соучесниците во кривичното дело и дека ќе го повторат кривичното дело.