Десетици членови на грчкиот синдикат на пристаништето Пиреја го блокираа товарењето на контејнер со муниција наменета за Израел во знак на протест против војната во Газа, изјавија во петокот за Ројтерс претставници на крајбрежната стража и синдикатот.
„Контејнерот, кој пристигна во грчкото пристаниште Пиреа во четвртокот, имаше 21 тон муниција“, изјави еден од синдикалците за Ројтерс кој сакаше да остане анонимен. Товарот бил транспортиран со камион од Северна Македонија и требало да биде натоварен на брод со знаме на Маршалските острови за Израел, се наведува во објавената вест.
Пред настанот, синдикатот на пристанишните работници ги повика работниците да протестираат и да ја блокираат испораката на оружје и муниција што ќе се користат во војната во Газа.
„Време е гласно да кажеме дека нема да дозволиме пристаништето Пиреја да стане воена отскочна даска“, стои во нивната изјава објавена на Фејсбук.
„Се бориме за мир...не за учеството на Грција во војната!“, пишува во објавата на социјалните мрежи.
Сликите поставени подоцна на истата страница на Фејсбук покажуваат луѓе кои носат ракети и пароли испрскани врз камион на кои пишува: „Убијци, излезете од пристаништето“.
Како што се наведува во веста, камионот со товарот останува кај пристанишните власти и е отворена истрага за инцидентот. „Издадена е потерница по синдикален лидер“, изјави еден од претставниците на крајбрежната стража. Меѓу другото, во веста се наведува дека контејнерот имал важечка транзитна дозвола, според изјавата на друг претставник.