Најбарани занимања се ѕидар, келнер, столар, градежен работник за високоградба и готвач.

Келнери, туристички и градежни работници се меѓу најбараните и најатрактивните работни места во Хрватска кои ги пополнуваат работници од соседството поради големиот недостиг на домашна работна сила. Додека Хрватите својата среќа ја бараат во земјите од Западна Европа, над 70.000 работни места во Хрватска ја пополнуваат работници од регионот. Тоа е бројката на работници која легално со дозвола за престој е на привремена работа во Хрватска.

Бошњаци, Срби, Македонци и голем број жители на Косово сè почесто, наместо во западноевропските држави, одат на привремена работа во Хрватска. Туризмот, угостителството и градежништвото се главните три области кои ги примаат работниците од Западен Балкан.

Од каде e недостигот на работна сила?

Во последните неколку години Хрватска станува сè поатрактивно одредиште за државјаните на таканаречените трети земји, особено за граѓаните на Босна и Херцеговина и Србија, кои во голем број го надополнуваат недостатокот на домашна работна сила во неколку клучни области на хрватската економија,.

Број на граѓани кои работат во Хрватска Others

Додека хрватските државјани, по влезот на Хрватска во Европската Унија (ЕУ), од 2013 година, масовно се иселуваат во државите од Западна Европа во потрага по подобри услови за живот и повисоки приходи, во Хрватска сè повеќе дозволи за работа добиваат државјани на таканаречените трети земји, односно од држави кои не се членки на Европската Унија.

Минатата година беше рекордна во Хрватска по бројот на издадени дозволи за престој и работа за странски работници, а според податоците на хрватското Министерство за внатрешни работи, најголем број од нив се издадени на државјани на Босна и Херцеговина, а потоа на Србија, Непал, Северна Македонија и Косово.

Шенгенот и еврозоната

Откако Хрватска на 1 јануари годинава стана полноправна членка на Шенген-зоната и на еврозоната, стана уште поатрактивна за работа и престој на странските државјани на кои со тоа им е олеснето заминувањето во развиените држави на ЕУ. Многу од странските работници по искуството во Хрватска заминуваат во земјите од Западна Европа во потрага по уште подобри услови за работа.

Хрватското Министерство за внатрешни работи отвори посебни канцеларии за странци, каде што им се издаваат работни дозволи и дозволи за престој, како и лични документи кои се потребни за легален престој и работа во Хрватска.

Во Загреб, на адресата „Савски гај“ 13, отворена е една таква канцеларија на МВР, каде од зори се создава голем метеж бидејќи странските работници доаѓаат рано наутро за да земат реден број за издавање документи, по што доаѓаат во одредено време од денот за да дојдат на ред без предолго чекање.

Една од странските државјанки кои чекаат на ред за хрватски документи е Иранката Фереште Сахели, доктор по физика која дошла во Хрватска да му се придружи на својот сопруг во брачниот живот, но и да работи во Институтот „Руѓер Бошковиќ“.

Научничката Сахели чека на ред да извади хрватска лична карта и да му се придружи на сопругот, кој пред шест месеци дошол во Хрватска од Иран, додека таа сама пристигнала пред една недела.

Сахели ја стекнала титулата доктор по физика, а нејзината намера е да одработи двегодишно научно истражување од областа на физиката во хрватскиот Институт „Руѓер Бошковиќ“, каде што веќе работи нејзиниот сопруг.

„Иран го напуштив со сопругот со цел да стекнам дополнително искуство на подрачјето на физиката со кое се занимавам, но во иднина двајцата планираме да се вратиме во Иран, во Техеран, каде што сум родена“, изјави Сахели.

Таа веќе престојувала во неколку европски држави, а пред да се врати во Иран единствена отворена можност за неа, вели, се Соединетите Американски Држави (САД).

„Хрватска е прекрасна земја, а Загреб го нема проблемот со загадувањето што е присутен во многу големи градови“, вели Сахели.

Според податоците на хрватското МВР, минатата година на хрватскиот пазар на трудот нови дозволи добиле или ги продолжиле 124.121 лице, што е за 42.166 повеќе од 2021 година.

Во Хрватска во 2022 година работеле 36.783 државјани на Босна и Херцеговина, 19.176 државјани на Србија, 12.222 Непалци, 10.053 Македонци и 8.979 државјани на Косово.

Меѓу најбројните странски работници се државјаните на Непал, Бангладеш, Индија, Филипини и Украина.

Најголем број дозволи за престој и работа во Хрватска во 2022 година се издадени за градежништвото (53.772), за туризмот и угостителството (32.306), за индустријата (16.932), за секторот транспорт и врски (7.336) и за земјоделство и риболов (2.957). Најбарани занимања се ѕидар, келнер, столар, градежен работник за високоградба и готвач.

За издавање дозволи за престој и работа, работодавачот и државјанинот на трета земја должни се да достават патна исправа, доказ дека барателите на дозвола не се правосилно осудени за казнени дела, потпишан договор за работа и доказ за степенот на образование, квалификациите и работното искуство.

TRT Balkan / агенции
Популарни