Неизвесно е кој ќе ја формира идната бугарска влада     Фото: АА

ГЕРБ на Бојко Борисов и „Продолжуваме со промените” на двоецот Кирил Петков-Асен Василев ги променија позициите по четвртите по ред предвремени парламентарни избори во Бугарија. За разлика од изборите во ноември минатата година на кои Петков и Василев ја однесоа победата, сега Борисов повторно е во позиција да ја состави новата Влада. Дел од партитте кои во минатото играа значајна улога на политичката сцена во Бугарија на овие избори претрпеа дебакл.

„Има таков народ” на Слави Трифонов се доживува како најголем губитник на изборите, а најголемо изненадување е рејтингот на ултранационалистичката „Преродба”.

Резултати од изборите

Коалицијата ГЕРБ-СДС на вчерашните избори според обработени 99,91 проценти од гласовите освои 25,34 отсто.

Според податоците на Централната изборна комисија коалицијата „Продолжуваме со промените” освои 20,21 отсто. На трето место е „Движење за права и слободи” која освои 13,75 отсто, а по неа следува „Преродба” со 10,17 отсто од гласовите.

„БСП за Бугарија” освои 9,32 отсто, „Демократска Бугарија – обединување ја поддржаа 7,46 отсто, а „Бугарски подем” 4,64 проценти.

„Движењето за права и слободи” клучен фактор за влада?

Бојко Борисов се наоѓа во ситуација во која изборната победа не му гарантира состав на влада поради неизвесниот коалициски капацитет. Претседателот на „Продолжуваме со промените” на Кирил Петков веќе изјави дека нема да коалицираат со ГЕРБ, односно дека би го направиле тоа само доколку Борисов се повлече од политиката.

Во таква ситуација Борисов евентуалното парламентарно мнозинство ќе го бара со „Движењето за права и слободи“ и во ултра десничарската „Преродба”.

Во бугарскиот Парламент има 240 пратеници. За мнозинство е потребен 121 пратеник. ГЕРБ-СДС освои 63 пратеници. „Движењето за права и слободи” освои 37, а ултра десничарската „Преродба” веројатно ќе има 23 пратеници, односно оваа коалиција на ГЕРБ-СДС би им донела 123 пратеници. Ако во коалицијата успее да ја вклучи и десничарската „Демократска Бугарија”, тогаш мнозинството би било уште постабилно.

Сепак неизвесна е оваа комбинаторика поради тотално различните декларативни заложби на „ГЕРБ-СДС” и „Преродба” кога се во прашање ЕУ и НАТО.

Петков во слична ситуација

И во случај Борисов да го врати мандатот и тој да му биде доделен на Кирил Петков повторно на површина веројатно би испливала улогата на „Движењето за права и слободи“. Ако Петков како природни коалициски партнери ги одбере „Бугарската социјалистичка партија” (БСП), „Демократска Бугарија” и „Бугарски подем” на Стефан Јанев, ако влезе во парламентот, тоа повторно не би му било доволно за да обезбеди парламентарно мнозинство.

Технократска влада?

Доколку политичките партии не успеат да се договорат за составот на идната бугарска Влада не е исклучено да биде составена технократска или експертска влада. Особено во ситуација на енергетска и политичка неизвесност во светот. Исто така во игра е опцијата како изминатиов период претседателот Румен Радев да состави техничка бугарска влада до новите парламентарни избори.

Најголеми губитници

„Има таков народ” на шоуменот Слави Трифонов засега не успева да го мине изборниот праг од 4 проценти бидејќи за партијата гласале 3,83 проценти од гласачите. Истото важи и за ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов. Оваа партија имаше исклучително слаб резултат со освоени 0,8 отсто поддршка од оние кои излегле на гласање.

Слави Трифонов излегува најголемиот губитник на изборите бидејќи за кус период од главен политички фактор и еден од кандидатите за бугарски премиер сега нема да има свој претставник во законодавната власт

Каракачанов чија ВМРО-БНД во минатото беше коалициски партнер на ГЕРБ на Бојко Борисов неколку изборни циклуси не успева да го мине изборниот праг.

Изненадувачка поддршка за „Преродба”

На овие парламентарни избори најмногу профитира партијата „Преродба”. Резултатите од изборите оваа партија ја направија фактор околу кој ќе се кројат политиките за состав на идната влада. Аналитичарите велат дека станува збор за проруска националистичка партија која сака да ја види Бугарија надвор од ЕУ и НАТО. Оваа партија има радикални барања и за македонското прашање.

TRT Balkan
Популарни