Пирц Мусар на претседателската позиција ќе го замени Борут Пахор, кој по два мандати повеќе не можеше да се кандидира.                                                        Фото: Ројтерс / Photo: Reuters

Независната кандидатка Наташа Пирц Мусар победи во вториот круг од претседателските избори во Словенија кои се одржаа вчера, на 13 ноември, при што истакна дека ќе ги премости длабоките поделби во општеството.

Во Словенија вчера е одржан вториот круг од претседателските избори на кои Словенците го бираа петиот шеф на државата кој на 23 декември ќе го замени актуелниот претседател Борут Пахор.

Според прелиминарните резултати, во водство е Пирц Мусар со освоени 54,18 отсто гласови, додека Анже Логар, поранешниот министер за надворешни работи на Словенија, има освоено 45,82 отсто од гласовите.

Победата на Мусар го зајакнува либералниот блок во земјата по победата на коалицијата на левиот центар на парламентарните избори во Словенија во април.

Пирц Мусар по доаѓањето во својот изборен штаб им се заблагодари на сите кои поддржуваа во тешката петмесечна кампања како и на сите гласачи кои гласаа за неа.

„Мојата прва задача ќе биде да отворам дијалог меѓу сите Словенци. На демократските избори, Словенците покажаа каква земја сакаат“, рече Мусар во своето обраќање.

„Цел живот ги застапував истите вредности: демократија, човекови права, толеранција. Време е да престанете да се занимавате со минатото. Многу работи треба да се направат во иднина“, нагласи Мусар.

Таа истакна дека кандидатурата за претседателка на Словенија била најголемиот проект во нејзиниот живот.

Нејзиниот противкандидат Логар го призна поразот, велејќи дека се надева дека Пирц Мусар „ќе ги исполни сите ветувања“ што ги даде за време на кампањата.

Ја застапуваше Меланија Трамп

Пирц Мусар (54) ќе биде првата жена што ќе ја извршува функцијата претседател откако Словенија стана независна по распадот на Југославија во 1991 година.

Истакната адвокатка, Пирц Мусар ја застапуваше поранешната прва дама на САД Меланија Трамп во случаите за авторски права и други случаи во нејзината родна Словенија.

Пирц Мусар е поранешна новинарка, докторка на правни науки и угледен адвокат која неретко ја ословуваат со прекарот „Челичната Лејди“.

Како независна кандидатка на овие избори оваа 54-годишна жителка на Љубљана ја поддржуваат поранешните словенски претседатели Милан Кучан и Данило Турк, а највеќе сопругот Алеш Мусар, еден од најбогатите Словенци.

Во првиот круг од претседателските избори во Словенија пред две недели, Пирц Мусар беше зад Логар според бројот на освоени гласови.

Но, бидејќи ниту еден од седумте претенденти кои се натпреваруваа во првиот круг не успеа да освои повеќе од 50 отсто од гласовите за да издејствува целосна победа, Логар и Пирц Мусар отидоа во вториот круг. Аналитичарите во Словенија предвидоа дека центристичките и либералните гласачи ќе го дадат својот глас за Пирц Мусар.

Пирц Мусар ќе го наследи претседателот Борут Пахор, центристички политичар кој веќе два пати беше избран за претседател на Словенија.

Иако функцијата претседател генерално е церемонијална во Словенија, на шефот на државата сè уште се гледа како на авторитетна личност.

Претседателите номинираат премиери и членови на уставниот суд, кои потоа се избираат во парламентот и назначуваат членови на антикорупциската комисија.

Логар (46) беше министер за надворешни работи на Словенија за време на поранешниот популистички премиер Јанез Јанша, кој се соочи со обвинувања за недемократска политика и политика на поделби. Јанша беше соборен од власт на парламентарните избори во април.

TRT Balkan / агенции
Популарни