Од денеска до 16 октомври, НАТО ќе распореди околу 200 припадници на новоформираните сојузнички сили за одговор (АРФ) на Западен Балкан, со цел да започнат со обука и да бидат подготвени да им помогнат на силите на КФОР.
КФОР објави дека ова е првпат да се распоредат припадници на АРФ по формирањето на таа формација во јули оваа година, а се додава дека 50 членови на Оперативниот тим за врски и извидување во рамките на АРФ ќе бидат распоредени во Косово додека останатите ќе бидат распоредени во Северна Македонија.
„Распоредениот персонал ќе се обучи за одржување на високо ниво на подготвеност и тестирање на вештини и процедури за брзо распоредување на големи сили. Дел од администрацијата на АРФ ќе биде привремено интегрирана во командната структура на мисијата на КФОР, со задача да ги определи логистичките, инфраструктурните и оперативните потреби на КФОР, што треба да претставува значително зајакнување на состојбата на КФОР“, се вели во соопштението.
Се додава дека АРФ е стратешка, високо подготвена сила подготвена да дејствува во повеќе области и да се распореди за кратко време.
Алијансата објави дека распоредувањето на силите на АРФ, заедно со тековното распоредување на стратешки резервни сили објавено претходно овој месец, испраќа јасна порака за решеноста на НАТО да ги зачува мирот и стабилноста во регионот и зборува за подготвеноста на Алијансата да реагира брзо.
„Повторливите тензии и некоординираните потези го зголемија нивото на загриженост меѓу сојузниците и партнерите на НАТО за мирот низ Косово, стабилноста во регионот и безбедноста на НАТО и партнерските трупи. Припадниците на КФОР делуваат како третоповикувачи, во тесна соработка со косовската полиција и силите на мисијата ЕУЛЕКС, кои се првиот и вториот повик“, се вели во соопштението.