Најмалку осум лица се убиени, а 11 се ранети во пукотница кај Младеновац, на околу 40 километри јужно од Белград, во четвртокот доцна навечер, јави Министерството за внатрешни работи на Србија. Локалните медиуми претходно објавија дека најмалку 13 лица се ранети во престрелката. Дваесет и едногодишниот напаѓач отворил оган од автоматско оружје прво во селото Дубона, а потоа и во селата Мало Орашје и Шепшин.
На местото веднаш се испратени силни полициски сили, а МВР ја започна акцијата „Виор“ во која учествуваат специјални единици и полициска хеликоптерска единица.
Српската полиција распиша потерница по 21-годишниот напаѓач со иницијали У.Б., а за кој утрово има информации дека е приведен.
Како што јави РТС, осум лица кои биле ранети во престрелката кај Младеновац и на кои им била укажана помош во Ургентниот центар се во стабилна состојба. Во болницата „Драгиша Мишовиќ“ има две повредени лица на возраст од 21 и 23 години, оперирани, но се уште се во животна опасност.
Министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ пукањето кај Младеновац го нарече терористички чин.
Пукајќи во училишниот двор во селото Дубона, напаѓачот убил млад полицаец и неговата сестра, а ранил неколку лица, објавено е на сајтот на РТС.
Многу екипи за итни случаи се на терен.
Медиумите јавуваат дека 13 повредени во нападот се згрижени во Ургентниот центар во Белград, во болницата „Драгиша Мишовиќ“ и во болницата во Смедерево. Претходно беше соопштено дека седум лица се тешко повредени во нападот.
Според неофицијални информации од болницата во Смедерево, таму биле пренесени десет лица, од кои четворица им подлегнале на раните.
Министерството за здравство на Србија апелираше до граѓаните дека се потребни крводарители за ранетите во престрелката што се случи во текот на ноќта кај Младеновац.
„Потребна е крв од сите крвни групи“, соопшти Министерството за здравство.
Никој од српските функционери се уште не соопштил официјална информација за нападот, а според последните информации во Младеновац пристигнал српскиот министер за внатрешни работи Братислав Гашиќ.
Конференцијата на министерката за здравство Даница Грујичиќ е закажана за 7:30 часот.
Нападот во селата кај Младеновац е втор смртоносен напад со огнено оружје што се случи во Србија за два дена.
Првиот напад се случи во средата, кога ученик од седмо одделение (13) уби осум ученици и еден обезбедувач и рани неколку лица во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“.