Новоизбраниот претседател на Албанија во прва официјална посета на Косово     Фото: АА

Претседателот на Албанија Бајрам Бегај официјалната дводневна посета на Косово ја започна со средбата со косовската претседателка Вјоса Османи, на чиј повик престојува во Косово.

По официјалната церемонија на пречек, одржан е состанок на Бегај и Османи во Претседателството на Косово.


Претседателот на Албанија Бајрам Бегај рече дека неговата прва официјална посета во странство е токму во Косово поради братските врски на двата народи и заедничкиот евроатлански пат. Бегај во заедничката изјава со Османи, рече дека Албанија силно го поддржува членството на Косово во меѓународните организации, со посебен акцент на НАТО. Тој наведе и дека со либерализацијата на визите за граѓаните на Косово се доцни, и дека тоа е право кое граѓаните на Косово треба да го уживаат.

„Косово и Албанија се и остануваат фактор на стабилност во регионот и земјите важни за придонес за безбедноста на Западен Балкан. Соработката и координацијата на политиките на сите наши институции треба да биде одржлива и примарна цел, бидејќи на тој начин создаваме претпоставки албанскиот фактор да се консолидира како стратешки фактор и фактор на стабилноста во регионот“, нагласи Бегај.

Тој рече дека Албанија го цени ставот на претседателката Османи за продолжување на дијалогот со Србија и го поддржува тој процес до конечен договор на Косово и Србија.

Османи упати благодарност до Албанија на безрезервната поддршка за Косово, истакнувајќи дека под водство на претседателот Бегај односите на двете земји ќе се интензивираат во сите области. Османи рече дека целта на Косово е членството во НАТО и Европската Унија (ЕУ), посебно во овој момент кога безбедносната архитектура се доведува во прашање ширум европскиот континент. Таа истакна дека Косово побарало од Албанија „договор за меѓусебна одбрана“.

„Важно е со Албанија, како што разговаравме со претседателот Бегај, да имаме и договор за меѓусебна одбрана за да реагираме реципрочно во случај на напад на нашите две држави. Помина неколку години откако дадов ваков предлог, кој е во согласност со меѓународната пракса и кој го применуваат многу земји, вклучувајќи ги и нашите стратешки партнери, па мислам дека е време да се преземат првите чекори во тој правец“, рече Османи.

Во однос на ситуацијата на северот на земјата, косовската претседателка рече дека косовските институции се посветени да продолжат со полната меѓународна координација. Османи додаде дека „ЕУ треба да ѝ даде јасни сигнали на Србија против нејзините дестабилизирачки тенденции кон целиот регион.“

Во текот на дводневната посета на Косово, Бегај ќе се состане и со премиерот Албин Курти, претседателот на Собранието на Косово Глаук Конјуфца, како и со лидерите на опозициските политички партии. Најавен е и состанок со командантот на КФОР и со војниците на Вооружените сили на Албанија, во состав на КФОР, како и посета на Преказ и Призрен.

AA
Популарни