Објавени конечни резултати од локалните избори на северот на Косово / Photo: AA

Централната изборна комисија на Косово ги објави конечните резултати од вонредните локални избори, одржани во неделата во четири општини на северот на Косово, според кои во Северна Митровица и Лепосавиќ победија кандидатите за градоначалници на Движењето „Самоопределување“ и кандидатите на Демократската партија на Косово во Звечан и Зубин Поток.

Во Северна Митровица најмногу гласови освои Ерден Атик од Самоопределување. Тој доби 519 гласови или 66,5 отсто од излезените гласачи. Кандидатот на Демократската партија, Таулант Кељменди, доби 193 гласа или 23,4 отсто, додека Бетим Османи од Граѓанската иницијатива „Митровица“ освои 80 гласа или 9,7 отсто.

Кандидатот на Самоопределување, Љуљзим Хетеми, победи во Лепосавиќ со 100 гласа или 73,5 отсто од излезените гласачи. Албулена Бехлули-Хетеми од Демократската партија доби 34 гласа или 25 отсто, додека Александар Јаблановиќ, иако се повлече три дена пред изборите, доби два гласа.

Во Зубин Поток победи Измир Зеќири од Демократската партија на Косово со 197 гласови или 52,2 отсто. Кандидатот на Самоопределување, Флатрон Хасани, доби 180 гласа или 47,7 отсто.

Илир Пеци од Демократската партија победи во Звечан со 114 гласови или 59 отсто од излезените гласачи. Кандидатот на Самоопределување, Фетах Пеци, доби 72 гласа или 37,3 отсто, додека Слаѓана Пантовиќ како независен кандидат и единствена од српската заедница доби 7 гласа или 3,6 отсто.

На вонредните избори за Собранието на Општина Лепосавиќ, Движењето „Самоопределување“ освои 15 советници со 85 гласа или 77,3 отсто. Демократската партија и Партијата на косовските Срби освоија по двајца советници, кои се повлекоа од изборната трка, но беа на гласачкото ливче.

Во Општина Звечан, Демократската партија ќе има мнозинство со 11 пратенички места со освоени 93 гласа или 60,1 отсто, додека Самоопределување ќе има 8 места со освоени 65 гласа.

Од околу 45.000 запишани гласачи во сите четири општини на северот на Косово, помалку од 4 отсто го искористиле правото на глас.

Припадниците на српската заедница го бојкотираа гласањето на повик на Српската листа, која не се пријави за учество на овие избори.

Вонредните избори беа распишани по излегувањето на сите претставници на Српската листа, на почетокот на ноември минатата година, од косовските институции на северот на Косово. Тогаш Србите ја напуштија косовската полиција и судството.

TRT Balkan / агенции
Популарни