Мисијата ја повикува Владата на Република Српска целосно да го почитува владеењето на правото / Photo: AA

Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина посочува дека официјалното покровителство и поддршката на Владата на Република Српска за одбележувањето на таканаречениот „Ден на Република Српска“ на 9 јануари е дискриминаторска и неуставна, бидејќи директно ги крши уставите и на БиХ и на РС.

Во соопштението за медиумите се наведува дека според Одлуката на Уставниот суд од октомври 2015 година, прогласувањето на 9 јануари за „Ден на Република Српска“ го прекршува Уставот на Босна и Херцеговина со тоа што им дава предност на припадниците на една нација, додека во исто време ги дискриминира припадниците на другите народи.

„Исто така, треба да се истакне дека и Уставниот суд утврди дека ваквата практика претставува повреда на одредбите од Уставот на Република Српска за заштита на еднаквоста и недискриминацијата. Во истата одлука Уставниот суд утврдил дека официјалното и институционалното одбележување на 9. Јануари,кога Србите го слават крштевањето на Свети Стефан, како слава на Република Српска го фаворизира културното наследство, традициите и обичаите на еден народ, а игнорирајќи ги другите народи, што е дискриминаторски“, се наведува во соопштението на ОБСЕ.

Мисијата ја повикува Владата на Република Српска целосно да го почитува владеењето на правото, што мора да вклучува почитување на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина како конечни и обврзувачки. Непочитувањето и неспроведувањето на одлуките на Уставниот суд е кривично дело.

„Мисијата е трајно посветена на обезбедување поддршка на сите владини институции, на целата територија на Босна и Херцеговина, во исполнувањето на нивните законски обврски во сферата на заштитата на еднаквоста, недискриминацијата и владеењето на правото. Тоа ќе ја зајакне атмосферата на меѓусебна доверба и почитување и создавање подобра иднина за сите народи во Босна и Херцеговина“, велат од ОБСЕ.

Претседателот на Република Српска Милорад Додик вчера изјави дека РС е над се и дека нема да го загуби 9 јануари како датум на формирање, бидејќи тоа е „историски факт“.

„Ако некој се осмели да иницира некакви спорови против некого во Српска поради нашиот Ден на Републиката и активностите што ги спроведуваме - РС ќе реагира со одреден сет мерки кои ќе покажат дека е подготвена да го брани своето право на 9 јануари и неговото постоење“, рече Додик.

Toj додаде: „Претходно на 21 ноември 1991 година донесовме одлука за формирање на Собрание на српскиот народ, а тоа собрание донесе одлука и никој немаше какви било приговори, тоа собрание не беше оспорено во легалниот и правниот систем на БиХ во тоа време“, објави Срна.

AA
Популарни