Односите на Туркије и Србија се на историски максимум

Во рамките на посетата на балканските земји, претседателот на Република Туркије Реџеп Таип Ердоган по посетата во Босна и Херцеговина, пристигна во Србија.

Во последните 30 години, од распадот на СФР Југославија, Туркије настојува да негува пријателски и блиски врски со сите држави во регионот, па така и со Србија. Лидерите на двете држави често истакнуваат како моменталните односи на Туркије и Србија се на историски максимум.

Тоа најдобро го илустрираат големите вложувања на Туркије во регионот, па со самото тоа и во Србија. Според некои проценки, турските инвестиции во Србија достигнале 250 милиони долари, а благодарејќи на тоа вработени се 10.000 луѓе. Исто така, надворешно-трговската размена на двете држави е во постојан пораст. Од речиси 450 милиони долари во 2007 година, достигна повеќе од 1,5 милијарди долари во 2021 година. Според податоците од Агенцијата за стопански регистри, во Србија се регистрирани 699 активни стопански субјекти чии мнозински сопственици се државјани на Туркије.

Последните примери се и отворање на производствените погони на успешните турски компании и тоа на југот на Србија, во помалку развиените подрачја на земјата, што придонесе за сѐ подобри односи на овие држави.

„Односите на Туркије и Србија се најдобри во историјата и ќе продолжиме уште повеќе да ги унапредиме во наредниот период“, истакна Александар Вучиќ, претседателот на Србија, по една од неодамнешните посети на Република Туркије.

Официјалните дипломатски односи на Туркије и Србија воспоставени се во 1879 година. По повод јубилејот 140 години од дипломатските односи со Туркије во 2019 година, во Србија е издадена посебна поштенска марка.

Дека Туркије навистина настојува да помогне во развојот на регионот покажува и иницијативата на претседателот Ердоган за изградба на автопатот Белград-Сараево, чија реализација од српска страна е во тек, додека во БиХ се уште се „кршат копјата“ околу тоа каде трасата ќе поминува.

Кога станува збор за регионот на Балканот и пошироко, Туркије е насочена кон јакнење на регионалниот мир и стабилноста.

Трилатералниот механизам Туркије-Србија-Босна и Херцеговина е еден од најдобрите примери насочени кон јакнење на стабилноста во регионот. И оваа посета на Ердоган ќе биде насочена кон таа цел, што во текот на неодамнешното учество на Самитот на иницијативата „Отворен Балкан“ во Белград го потврди Мевлут Чавушоглу, министерот за надворешни работи на Туркије.

„Претседателот Реџеп Таип Ердоган следната недела ќе ја посети Босна и Херцеговина, Србија и Хеватска. Моменталната ситуација во Босна и Херцеговина ќе биде на врвот на нашиот дневен ред. Не можеме да дозволиме уште еден судир во срцето на Балканот“, порача Чавушоглу.


Од кога стана претседател во 2014 година, Ердоган третпат ќе ја посети Србија. Претходно во улога на претседател ја посетуваше Србија во 2017 и 2019 година. Во посета на Белград беше во 2010 година, но тогаш како премиер на Република Туркије.

Со политичката и економската соработка, Туркије и Србија се повеќе внимание посветуваат и на соработката на полето на културата. Во Белград работи Институтот „Јунус Емре“, кој со разни културни настани, но и со курсеви по турски јазик, настојува дополнително да ги приближи двете култури кои имаат повеќевековна поврзаност.

Исто така, Турската агенција за меѓународен развој (ТИКА) со разни проекти настојува да ги зајакне врските помеѓу Србија и Туркије. ТИКА во Србија реализира низа проекти, помеѓу другото, на белградскиот Калемегдан го обнови и турбето на Али паша, чешмата на Мехмед паша Соколовиќ и „Мало скалило“ (Мало степениште). Само за обнова на овие три објекти, ТИКА издвои повеќе од 640.000 евра.

TRT Balkan
Популарни